Google Maps доби најголемо ажурирање во последните 10 години: нови AI функции и 3D навигација

Google Maps го доби своето најголемо ажурирање во последната деценија, а главниот фокус е интеграцијата на моделот Gemini AI, кој ја претвора апликацијата од обична мапа во личен дигитален асистент.

Новите функции значително го менуваат начинот на кој корисниците се движат, планираат патувања и откриваат нови места.

Разговор со мапата

Најголемата новина е функцијата Ask Maps, која им овозможува на корисниците да комуницираат со апликацијата на природен начин.

Наместо само да внесете адреса, сега можете да поставувате сложени прашања како: „Најди ми кафуле со брз Wi-Fi, каде што се дозволени миленици и не е премногу бучно“ или „Каде можам да го наполнам телефонот без да чекам долго за кафе?“.

Системот користи Gemini AI за да анализира милиони кориснички рецензии и да предложи персонализирани опции.

Планирање на патувања

Со помош на вештачката интелигенција, Google Maps сега може да креира и целосни планови за патување.

На пример, корисникот може да побара викенд план во друг град кој вклучува активности за деца и ресторани со веганска храна, а апликацијата ќе предложи персонализиран распоред.

Нова 3D навигација

Навигацијата за време на возење е целосно редизајнирана.

Мапата сега прикажува реалистичен 3D приказ на згради, надвозници и терен. Кога возачот се приближува до кривина или раскрсница, зградите стануваат полупроѕирни за подобро да се види патот.

Дополнително, многу појасно се означени сообраќајните ленти, пешачките премини, семафорите и знаците „стоп“, што значително го намалува стресот при возење во непознати места.

Попаметно гласовно водење

И гласовните инструкции се подобрени. Наместо класичното „свртете за 200 метри“, навигацијата може да даде појасни насоки како: „Свртете десно веднаш по ресторанот Thai Siam“.

Паметно планирање на рути

Google Maps сега нуди и подобар преглед на разликите меѓу различни рути.

Апликацијата може да покаже дали одредена рута е побрза, но вклучува патарина, или е подолга, но има значително помал сообраќај.

Новата функција помага и при паркирање. Кога се приближувате до дестинацијата, апликацијата автоматски предлага најблиски паркинзи и го покажува точниот влез на зградата што ја барате.

Редизајнирано мени

По години додавање нови функции, Google го поедностави интерфејсот на апликацијата.

Поставките сега се логично групирани во категории како навигација, приватност и офлајн мапи. Воведена е и можност корисниците да оставаат анонимни рецензии под псевдоним.

AI известување за сообраќај

Новата верзија овозможува и гласовно пријавување сообраќајни инциденти.

Корисникот може да каже „Еј Google, има сообраќајка“ без да го тргне погледот од патот, а системот автоматски ќе ја регистрира информацијата. Gemini исто така може проактивно да предупредува за метеж и застои, дури и кога навигацијата не е вклучена.

Засега не се достапни насекаде

Новите функции сè уште не се достапни во сите земји. Некои од нив, како Ask Maps, прво се пуштаат за корисниците во САД и Индија, а постепено ќе се прошируваат и во други делови од светот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни