Големо истражување: Вакцината против ковид не ја зголемува смртноста, покажаа податоците од 30 милиони луѓе

Истражување во Франција на речиси 30 милиони луѓе покажа дека mRNA вакцините против ковид не го зголемуваат ризикот од смрт. Стапката на смртност била пониска кај вакцинираните отколку кај невакцинираните, покажува студијата на Epi-Phare

Големо француско истражување на речиси 30 милиони луѓе покажа дека вакцините против COVID-19 не го зголемуваат ризикот од смрт, спротивно на тезите на теоретичарите на заговор. Анализата ја спроведе групата Epi-Phare, составена од Француската агенција за лекови (ANSM) и националниот фонд за здравствено осигурување.

Студијата опфати лица на возраст од 18 до 59 години во периодот 2021–2025 година. Околу 23 милиони Французи примиле барем една доза вакцина, додека шест милиони останале невакцинирани. Најчесто давани биле mRNA вакцините на Pfizer/BioNTech и Moderna.

Во период од четири години, починале 0,4% од вакцинираните, наспроти 0,6% од невакцинираните – што значи дека невакцинираните имале околу 50% поголема смртност.

„Со висок степен на сигурност можеме да кажеме дека вакцината не го зголемува ризикот од смрт“, изјави водителот на истражувањето, Махмуд Зуреик.

Сериозните несакани ефекти, како миокардитис и перикардитис, биле многу ретки. Истражувачите нагласуваат дека вакцините остануваат корисни во сите возрасни групи, иако Франција препорачува повнимателна употреба на Moderna кај младите возрасни.

Научниците додаваат дека оваа студија не е доказ дека вакцините го намалуваат секој ризик од смрт, бидејќи разликата може да произлегува и од демографски и социјални фактори. Но, таа дефинитивно покажува дека mRNA вакцините не ја зголемуваат смртноста и не постојат „скриени бранови смрт“ кај вакцинираните.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни