Големата економска криза ја чинеше германската индустрија 100.000 работни места

Тековната економска криза има сериозни последици врз германската индустрија, при што за само една година се изгубени над 100.000 работни места — најтешко погоден е стратешки важниот автомобилски сектор, покажува анализа на ревизорската и консултантска компанија EY (Ernst & Young).

Според извештајот, автомобилската индустрија загубила околу 45.400 работни места.

Заклучно со првиот квартал од 2025 година, германската индустрија вработува 5,46 милиони луѓе – што е за 1,8% или 101.000 помалку во споредба со истиот период претходната година, се вели во студијата базирана на податоци од Сојузниот завод за статистика.

Во споредба со 2019 година, пред пандемијата на коронавирусот, бројот на вработени е намален за вкупно 217.000 лица – пад од 3,8%. Во 2018 година, индустријата го достигна својот рекорд со околу 5,7 милиони вработени.

„Индустриските компании се под огромен притисок“, вели Јан Брохилкер, генерален директор на EY.

„Се соочуваат со агресивна конкуренција, особено од Кина, која ги намалува цените. Клучните пазари ослабуваат, побарувачката во Европа останува на ниско ниво, а постои и голема неизвесност околу американскиот пазар. Во исто време, трошоците за енергија и работна сила остануваат високи“, додава тој.

До крајот на годината се очекуваат нови отпуштања

Брохилкер предвидува дека до крајот на 2025 година ќе се изгубат уште најмалку 70.000 работни места во индустријата, особено во машинската и автомобилската индустрија. Компаниите веќе започнаа со програми за намалување на трошоците.

„Ќе слушнеме уште многу лоши вести пред состојбата да почне да се подобрува“, заклучува Брохилкер.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни