Денеска, општина Центар предводена од градоначалникот Горан Герасимовски, заедно со граѓани, млади и хигиеничарите го чистеа сметот во Општина Центар. Изминативе неколку дена, хигиеничарите се постојано на терен, во две смени за да го исчистат хаосот што го остави ЈП „Комунална хигиена“ и градската власт откако сите општини во Скопје беа преплавени со смет.
Од општината потенцираа дека чистењето почнало од Буњаковец и продолжило на повеќе локации на ул. „Васил Ѓоргов“, Капиштец, Дебар Маало, Градски Парк, просторот кај Олимписки базен, кадешто се собраа огромни кеси со смет.
Градоначалникот истакнува дека кризата со хигиената трае повеќе месеци и континуирано апелирал комуналното претпријатие да го подигне сметот од улиците кадешто има надлежност, но тогаш ЈП „Комунална хигиена“ испраќала деманти дека чисти според утврдена динамика.

„Недозволиво е ова што му се случува на Центар, но и на градот Скопје. Сите скопски општини се преплавени во смет поради неажурноста на градската власт. Од утринава, граѓаните и млади лица се вклучија во акцијата кадешто сите заедно со нашите хигиеничари ја чистиме нашата општина. Во чистењето вклучена е целата механизација на општината и ПОЦ, а направиме и план со мерки за справување со кризата. Од денеска е започнато дератизацијата во основните училишта и градинки, предвидено е да трае во следните неколку денови. ЈП „ПОЦ“ организира посебни пунктови и распоред за собирање на угостителски отпад. Мора да се направи и дератизација во сите згради, а вонредната дератизација е во тек кадешто во 1980 шахти се фрла сертифициран препарат. Им благодарам на сите граѓани кои се активираа и помогнаа, упатувам апел до компаниите да ни помогнат со механизација, камиони и логистика“, рече Герасимовски.
Акцијата за чистење продолжува во сите населби во Центар, информираат од општината.
