Преоптоварувањето на електричната мрежа и последиците од претходните руски напади доведоа до голем прекин на електричната енергија синоќа во Киев и повеќе региони низ Украина.
Во делови од украинскиот главен град беа пријавени и проблеми со притисокот на водата, јавува Reuters. Градската администрација на Киев преку Telegram соопшти дека преоптоварувањето довело до проблеми во едно од клучните енергетски постројки во градот.
Три централни окрузи на западниот брег на реката Дњепар останале без струја. Поради тоа, Киевското метро привремено морало да користи резервно напојување за да продолжи со работа.
Проблеми предизвикани од руските напади
Подоцна, градските власти објавија дека итните служби ја вратиле струјата во погодените подрачја, иако се уште се забележуваат повремени прекини. Притисокот на водата, според нив, треба да се стабилизира во рок од два до три часа.
Компанијата Ukrenergo, која управува со високонапонските далекуводи во Украина, изјави дека проблемите се резултат на руските напади врз енергетската инфраструктура, што предизвикало прекини во снабдувањето низ северна, централна и југоисточна Украина.
Русија во последните недели ги насочи своите напади кон енергетските објекти во Украина. Поради серија напади минатата недела, привремено без електрична енергија останале околу еден милион домаќинства и бизниси во Киев и други области.