Голем пожар на Крит, евакуирани над 3.000 лица, на терен се над 2500 спасувачи

До доцна синоќа, над 3.000 жители и туристи се евакуирани од неколку населени места – Ахлија, Агиа Фотија, Галини, Ферма и Куцунари

Надвор од контрола е шумскиот пожар што вчера попладне го зафати грчкиот остров Крит, јавуваат грчките и светски медиуми.

Поради силниот ветер, пожарниот фронт се проширил на над 6 километри, а грчките власти се соочуваат со една од најтешките интервенции ова лето.

На терен се повеќе од 2.700 пожарникари и спасувачи, поддржани од 8 авиони, 12 хеликоптери и од десетици специјализирани возила и цистерни.

– Моментално не можат да го задржат пожарот. Ситуацијата е многу тешка – изјави претставникот од Службата за цивилна заштита, Нектариос Пападакис.

Пожарот избувнал во тешко пристапна шумска област помеѓу населбата Агија Фотија и селото Скинокапсала, на источниот дел од Крит, каде што густа и високо запалива вегетација дополнително го разгорува огнот. Чадот од пожарот се проширил дури до плажата Макри Гиалос, каде што противпожарните служби се обидуваат да го локализираат. Видливоста во поширокиот регион е значително намалена, а според локалните власти, на одредени локации е речиси нулта.

До доцна синоќа, над 3.000 жители и туристи се евакуирани од неколку населени места – Ахлија, Агиа Фотија, Галини, Ферма и Куцунари. Дел од нив се сместени во внатрешна спортска сала во Јерапетра, а останатите се распоредени по хотели низ островот.

Снимки, објавени на социјалните мрежи, покажуваат туристи со куфери како бегаат од своите вили и апартмани додека пламенот го осветлува хоризонтот. Пожарот стигнал до самото крајбрежје, предизвикувајќи хаос и паника.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни