Во текот на ноќта украински беспилотни летала извршија координирани напади врз енергетската инфраструктура во неколку руски региони – Орловска, Владимирска и Јарославска област, пренесуваат руските медиуми и локалните власти.
Според извештаите, термоелектраната во градот Орел била погодена и оштетена, додека експлозии се слушале и во близина на клучна трафостаница и рафинерија на нафта во другите два региона, пишува The Kyiv Independent.
Удар врз термоелектраната во Орловската област
Жителите на градот Орел пријавиле повеќе силни детонации во текот на ноќта. Рускиот опозициски канал Astra објави видео снимка од надзорна камера која го прикажува моментот на нападот врз локалната термоелектрана.
Гувернерот на Орловската област, Андреј Кличков, потврди дека цел на напад бил објект на електроенергетската мрежа, но тврдеше дека штетата е предизвикана од остатоци од соборени дронови, а не од директен погодок.
„На објектот има материјална штета, но нема жртви ниту пожар. Екипите веќе работат на поправки, а снабдувањето со електрична енергија е речиси целосно обновено“, соопшти Кличков.
Нападнатото постројство, со капацитет од околу 330 мегавати (MW), е во сопственост на компанијата RIR Energo, дел од државната корпорација Росатом.
Експлозии и во Владимир и Јарослав
Покрај Орел, експлозии одекнале и во градовите Владимир и Јарослав, каде жителите, според руските Телеграм-канали, слушнале активирање на противвоздушната одбрана.
Во Владимир, според анализата на Astra, цел на нападот била електричната трафостаница „Владимир“, еден од најважните енергетски јазли во регионот.
Гувернерот на Владимирската област, Александар Авдеев, потврди дека инфраструктурен објект во близина на градот бил погоден, но не наведе детали:
„Непријателот изврши напад врз инфраструктура во близина на Владимир. Сите системи моментално функционираат нормално, а стручните екипи се на терен“, изјави тој.
Во Јарослав, пак, се пријавени експлозии во близина на рафинеријата Ново-Јарославски, една од најголемите во северниот дел на Русија. Засега нема информации за штети или повредени лица.
Континуиран притисок врз руската енергетика
Ова е еден од најголемите украински напади со дронови врз руската енергетска инфраструктура во последните месеци. Киев не ја коментираше операцијата, но претходно украинските власти најавија дека ќе продолжат да ги таргетираат енергетските и воените капацитети на Русија – како одговор на ракетните напади врз украинските градови.
 
				 
				 
								 
								 
								 
								