Војната меѓу САД и Израел со Иран може да предизвика нов глобален шок на цените на храната и да турне десетици милиони луѓе во акутна глад доколку конфликтот се одолжи, предупредуваат официјални лица ширум светот, пренесува NBC News.
Зголемувањето на трошоците за енергија, транспорт и ѓубрива веќе почнува да се чувствува во САД, но најтешките последици се очекува да ги погодат посиромашните земји кои зависат од увоз.
Ормускиот теснец како клучна точка
Контролата на Иран врз Ормуски теснец, една од најважните светски трговски рути создава дополнителен притисок врз глобалните пазари. Околу една третина од светската трговија со ѓубрива што се транспортира по море поминува низ овој теснец, што значи дека секое подолго нарушување може брзо да се одрази врз производството на храна и цените на глобално ниво.
Во региони како Бразил, делови од Јужна Азија и Источна Африка, дури и мал пораст на трошоците за производство и транспорт може значително да ја продлабочи кризата со храна.
Особено ранливи се земјите што веќе се соочуваат со нестабилни прехранбени системи, каде милиони луѓе имаат ограничен пристап до основни намирници.
Ѓубривата – скриениот фактор на кризата
Фокусот на кризата се префрла кон ѓубривата, клучен фактор за следната земјоделска сезона. Течниот гас, чиј голем извозник е Катар, е неопходен за производство на азотни ѓубрива како уреа. Поради доцнења во транспортот и неизвесноста, цените веќе нагло растат.
Во Малави, кој повеќе од 60% од ѓубривата ги увезува од Персискиот Залив, земјоделците веќе стравуваат од недостиг и поскапувања. Слични предупредувања доаѓаат и од Замбија.
Предупредувања од глобалните институции
Главниот економист на Организација за храна и земјоделство на ОН, Максимо Тореро, предупреди дека краткорочните прекини може да се амортизираат, но дека нарушувања подолги од три месеци би имале сериозни последици врз глобалното производство на храна.
Светска програма за храна проценува дека дополнителни 45 милиони луѓе би можеле да западнат во акутна глад, со што вкупниот број би достигнал рекордни 319 милиони. Последиците веќе се видливи: фабрики за ѓубрива во Индија, Алжир и Словачка го намалуваат производството поради високите цени на гасот. Во САД, цената на амонијакот пораснала за 41%, а на уреата за 21% во споредба со минатата година.
Во меѓувреме, премиерот на Индија, Нарендра Моди, изјави дека владата презема мерки за стабилизирање на снабдувањето со ѓубрива.
Транспортот како дополнителен удар врз цените
Според UNICEF, трошоците за транспорт би можеле да пораснат за 30 до 60%, а на некои рути дури и да се удвојат.
„Во најлошото сценарио, тоа значи помали приноси и неуспешни жетви следната сезона, а во најдоброто – повисоки цени на храната следната година“, предупредуваат официјални лица.
Кризата со енергенсите, ѓубривата и транспортот создава сериозен ризик за глобалната безбедност на храната. Најголемиот товар повторно ќе го понесат најранливите земји, особено во Источна Африка и регионите погодени од конфликти, како Сомалија.
Доколку конфликтот продолжи, ефектите нема да бидат само економски – туку и хуманитарни, со милиони животи директно загрозени.