Глобален тренд: Расте потребата од странски работници, но и непријателството кон мигрантите

Во Европа, а особено во Соединетите Американски Држави, сè поизразено расте непријателството кон имигрантите, во време кога најбогатите економии во светот очајно имаат потреба од странска работна сила.

Истовремено, глобалната работна миграција опаѓа, иако стареењето на населението создава сè поголем недостиг од работници, покажува најновиот извештај на Организацијата за економска соработка и развој, објавен минатиот месец, кој помина речиси незабележано во јавноста.

Според OECD, миграцијата на работна сила во 38 земји-членки во 2024 година се намалила за повеќе од 20 проценти. Падот, како што се наведува, помалку е поврзан со економската побарувачка, а многу повеќе со растечкото политичко противење кон имиграцијата и со построгите визни правила во дел од индустријализираните земји. Истовремено, привремената и сезонската работна миграција продолжила да расте, пренесува Дојче веле.

Овој тренд започнал многу пред повторниот избор на Доналд Трамп, кој и во најновата кампања жестоко ја напаѓаше имиграцијата. Извештајот укажува дека антиимигрантското расположение честопати ја води политиката, наместо реалните потреби на економијата.

Падот концентриран во неколку земји

„Најголемиот дел од падот на постојаната работна миграција може да се припише на промените на политиките во Велика Британија и Нов Зеланд“, изјави за DW Ана Дамас де Матос, виша аналитичарка во OECD. Во Нов Зеланд, падот е поврзан со завршувањето на еднократната постпандемиска програма за престој, која им овозможи на повеќе од 200.000 привремени мигранти и нивните семејства да се населат трајно. Програмата истече во јули 2022 година.

Во Велика Британија, по Брегзит, беа заострени визите за здравствени работници, со построги критериуми за работодавачите и укинување на можноста за доаѓање на членовите на семејствата, што доведе до нагол пад на барањата за виза. Според OECD, токму здравствениот сектор е еден од најпогодените од ваквите ограничувања.

САД и технолошкиот сектор

Во САД, за време на администрацијата на Џо Бајден беа воведени построги ограничувања за визите H-1B, кои им овозможуваат на странски стручњаци во технологијата, инженерството и медицината да работат во земјата. Подоцна, администрацијата на Трамп драстично ги зголеми трошоците за визи за работодавачите и дополнително ги ограничи можностите за трајно населување.

Слични рестрикции се воведени и во Австралија, Канада и во нордиските земји. Финска, на пример, забележала пад на работната миграција од 36 проценти во однос на претходната година.

Германија меѓу потребата и ограничувањата

Во Германија, постојаната имиграција во 2024 година се намалила за 12 проценти, поради построгите прописи воведени за време на владата на Олаф Шолц, кои дополнително беа проширени од актуелниот кабинет на канцеларот Фридрих Мерц. Иако во земјата влегле околу 586.000 странски работници, бројот на лица со работни визи бил за 32 проценти помал отколку една година претходно.

Професорот Херберт Брикер од Универзитетот „Хумболт“ во Берлин предупредува дека ваквите политики создаваат сериозни проблеми за германската економија. „На Германија ѝ е потребна миграција за да ги замени пензионираните работници. Без неа, не може да се одржи стабилна понуда на работна сила“, вели тој.

Европа сè позависна од мигрантите

Податоците на Меѓународниот монетарен фонд покажуваат дека во Европската унија, граѓаните од земји надвор од ЕУ пополниле околу две третини од новите работни места создадени меѓу 2019 и 2023 година. Глобално, Меѓународната организација на трудот проценува дека во 2022 година имало 167,7 милиони работници-мигранти, што е 4,7 проценти од вкупната светска работна сила, при што повеќе од две третини од нив работеле во земји со високи приходи.

И покрај падот во 2024 година, глобалната работна миграција сè уште е над нивото од пред пандемијата. Но, извештајот на OECD јасно покажува колку брзо може да се прекине овој тренд, најмногу поради политичкиот отпор, поттикнат од стравовите од нелегална миграција, а не од реалната економска побарувачка.

Привремени визи наместо трајно населување

Додека бројот на постојани имигранти опаѓа, привремените и сезонските работни програми остануваат стабилни. Владите сè повеќе се ориентираат кон краткорочни решенија што лесно можат да ги прошират или ограничат. „Да ги донесеме луѓето кога ни требаат, а да ги затвориме вратите кога веќе не ни се потребни“, вака ја опишува ситуацијата експертката за миграции Сита Шарма.

OECD апелира земјите не само да привлекуваат повеќе странски работници, туку и да обезбедат подобра интеграција, преку јазични курсеви, пристап до социјални услуги и побрзо признавање на дипломите и квалификациите. Во спротивно, предупредуваат експертите, јазот меѓу економската нужност и политичката волја ќе продолжи да се продлабочува.

Извор: N1info.rs

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни