Гил: ЕУ и САД работат на заедничката изјава за трговскиот договор, царините од 15 отсто стапуваат од утре 

Преговарачите на ЕУ и САД работат на финализирање на заедничката изјава заснована на постигнатиот договор меѓу претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и американскиот претседател Доналд Трамп, изјави денеска портпаролот на ЕК за трговија и царини Олоф Гил. 

„Кога ќе бидат познати попрецизни временски рамки ќе ве информираме“, рече Гил во одговор на новинарско прашање до каде е подготовката на најавената заедничка изјава на ЕУ и САД за прецизирање на одредбите од трговскиот договор постигнат во неделата. 

Гил додаде дека е потребно повеќе време за финализирање на заедничката изјава и по 1 август, кога, како што рече, истекува периодот на суспензија на американските т.н. реципрочни царински стапки, кои беа замрзнати на 7 јули. 

„Европската Унија јасно прими на знаење дека САД ќе го спроведат договорениот царински лимит од 15 отсто, како и што наведе претседателката Фон дер Лајен во неделата. Ова значи дека од утре ќе го имаме царинското олеснување на кое работевме толку напорно за да постигнеме стабилност и предвидливост за бизнисите и потрошувачите во ЕУ. САД презедоа обврски и сега е на САД да ги спроведат. Топката е на нивни терен. Преговорите продолжуваат“, додаде Гил. 

Тој истакна дека заедничката изјава не е правно обврзувачки документ, туку реафирмирање на политичките обврски договорени минатиот викенд и таа е еден вид план или патоказ за продолжување на соработката. 

„Оттаму ќе бидат усвоени дополнителните законски одлуки од наша страна. Од нивна страна треба да дојдат дополнителните договорени царински исклучоци што сакаме да ги вклучиме во конечниот договор со САД“, истакна Гил. 

На прашање дали реципрочните царински мерки кон САД, што Европската комисија ги усвои минатата недела, ќе стапат во сила на 7 август како што е најавено, Гил одговори дека ако работите се одвиваат онака како што очекува ЕУ тие ќе бидат суспендирани. 

„Ако постигнеме договор, не ни се потребни реципрочни царини. Не можам точно да ви кажам кога ќе започнат законските процедури, но нашата намера е тие да бидат суспендирани ако се оди според очекувањата“, додаде Гил. 

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни