Ги руши предрасудите: Благица Тасевска, девојката зад воланот на камионот

Во светот на камионите, каде што долго време доминираа мажи, една жена од Богданци го менува тоа правило. Благица Тасевска, професионален возач, е вистински шампион во рушење предрасуди – зад воланот на својот камион, таа секојдневно докажува дека сонот нема пол.

Љубовта кон камионите ја носи уште од детството, кога со насмевка се сеќава како татко ѝ ја возел во неговиот камион. Оттогаш знаела – еден ден и таа ќе биде таму, зад воланот.

„Знаете како е кај нас,“ вели Благица со насмевка. „Не е секојдневно да сретнете девојка во камион, па сите се вртеа по мене. Но јас не обрнував внимание – имав љубов, сила и желба.“

Иако дел од коментарите биле скептични – дека ова е „машка работа“, дека „треба сила“ – Благица вели дека со време сите сомнежи исчезнале.

„Кога нешто го сакаш искрено, ништо не е тешко,“ раскажува. „А ние жените сме многу повнимателни и поспособни за оваа работа отколку што луѓето мислат.“

Денес таа не само што е успешен професионален возач, туку е инспиративна фигура за други девојки во Македонија кои сакаат да ја следат нејзината патека.

„Ги познавам барем десетина девојки што се бават со оваа професија,“ вели таа. „На неколку од нив дури им бев лична инспирација да не се откажат и да го остварат својот сон.“

На патот ја држи музиката и чувството на слобода. „Тоа е нешто посебно,“ додава Благица. „Кога ќе го видиш патот како се отвора пред тебе, ги забораваш и заморот и километражата.“

Во земја каде што сè уште ретко се гледа жена во камион, Благица Тасевска покажува дека силата не се мери во мускули, туку во упорност и љубов кон она што го правиш.

Инспирирани од кампањата #НаправиМесто на Македонски Телеком, ги надминуваме предрасудите и ги рушиме бариерите..

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни