Германски државјанин итно процесуиран за предизвикување меѓуетничка омраза пред фудбалски натпревар

Основното јавно обвинителство Скопје соопштува дека постапувајќи по итна постапка, процесуирале државјанин на Сојузна Република Германија во врска со инцидентот што се случи на 5 август 2025 година, непосредно пред одржувањето на фудбалскиот натпревар меѓу ФК „Шкендија“ и ФК „Карабаг“.

Обвинетиот, со јавно истакнување и веење знаме со симболика на „Голема Албанија“ и натпис „Автохтона“, предизвикал чувство на омраза, раздор и етничка нетрпеливост, што претставува кривично дело согласно член 319 од Кривичниот законик. 

„По извршена идентификација и поднесена кривична пријава од СВР Скопје, Основното јавно обвинителство Скопје по итна постапка процесуираше државјанин на Германија за кривично дело – Предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна, верска и друга дискриминаторска основа од член 319 од Кривичниот законик. Против него беше поднесено обвинение, бидејќи на 5 август, непосредно пред фудбалскиот натпревар помеѓу ФК „Шкендија“ и ФК „Карабаг“, со истакнување и веење знаме на „Голема Албанија“ и со натпис „Автохтона“, предизвикал чувство на омраза, раздор и нетрпеливост врз основа на етничка припадност. Тоа го забележале полициски службеници, кои го лишиле од слобода“, стои во соопштението од ЈО.

Како што дополнуваат оттаму, врз основа на обезбедените докзи, Основниот кривичен суд веднаш изрекол пресуда.

„Врз основа на обезбедените докази во координација меѓу полицијата и надлежното обвинителство, Основниот кривичен суд Скопје веднаш изрече пресуда со која обвинетиот го огласи за виновен и го осуди на условна казна затвор од две години, која нема да се изврши доколку осудениот не стори ново кривично дело во следните 5 години. Во исто време, бидејќи станува збор за странски државјанин, Судот донесе одлука да го протера и да му забрани влез во државава во следните пет години“, стои во соопштението од ЈО.

Дополнуваат дека заедно со МВР, продолжуваат со координирани активности за идентификација и процесуирање на сторители на кривични дела поврзани со ширење омраза и нетрпеливост на спортски настани.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни