Германската компанија “Дрексламаер” ја затвора фабриката во Зрењанин, илјадници работници во неизвесност

Според изјавите на претставниците на компанијата, Дрексламаер е принудена постепено да ја затвори фабриката и да ги прекине сите активности до 2026 година.

Германската компанија Дрексламаер потврди дека ќе ја затвори својата фабрика во Зрењанин. Причината за овој потег е падот на производството во автомобилската индустрија низ цела Европа, како и тоа што не е добиен следниот проект. Според изјавите на претставниците на компанијата, Дрексламаер е принудена постепено да ја затвори фабриката и да ги прекине сите активности до 2026 година.

Раљф Капеле, директор на Дрексламаер за Србија, изјави за медиумите во Србија:

„За да ја задржиме локацијата, зависиме од соодветни нарачки од производителите на автомобили. И покрај нашите напори, не успеавме да обезбедиме таква нарачка за локацијата во Зрењанин. Многу преговаравме со нашиот клиент, но безуспешно.“ Компанијата нагласи дека е свесна за својата одговорност кон вработените и ќе им понуди соодветен социјален пакет.

Синдикатот најави дека ќе преговара со работодавецот за условите за отпуштање на работниците и ветува дека ќе се погрижи за најзагрозените вработени. Индустрискиот синдикат на Србија истакна дека овој потег е многу болен и разочарувачки, особено поради глобалната криза во автомобилската индустрија која влијаела на кооперантите, меѓу кои е и Дрексламаер.

Одлуката за затворање на фабриката доаѓа по 17 години работење во Зрењанин, а синдикатот ветува дека работниците ќе добијат поддршка и фер услови за сите кои ќе останат без работа.

Вработените се во голема неизвесност, бидејќи ги очекуваат тешки денови до конечното затворање на фабриката во 2026 година.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни