Германија има повеќе струја од ветер отколку од јаглен

Германија во 2023 година постигна неколку добри резултати кога станува збор за производството на електрична енергија. Според податоците на Федералниот институт за статистика – Дестатис, минатата година оваа земја произвела 11,8 отсто помалку електрична енергија отколку во 2022 година.

Но, треба да се земе предвид дека количината на увезена електрична енергија во 2023 година е зголемена за 40 отсто, што е првпат од 2002 година оваа земја да увезе повеќе струја отколку што извезла.

Во вкупното производство, обновливите извори на енергија имаа учество од дури 56 отсто, додека во претходната година беше 46,3 отсто, а производството од конвенционални извори падна за 27,8 отсто во однос на 2022 година.

Гледајќи ги поединечно обновливите извори, енергијата на ветерот се зголеми за 13,8 проценти во 2023 година. Треба да се напомене дека енергијата на ветерот, со учество од 31 отсто, беше најважниот извор на енергија во Германија минатата година.

Преносот на електрична енергија од овој извор достигна нов максимум од 139,3 милијарди киловат часови во 2023 година, надминувајќи го претходниот врв од 2020 година од 128,7 милијарди киловат часови, според веб-страницата Дестатис.

Притоа, минатата година енергијата на ветерот го надмина учеството на јагленот во производството на електрична енергија. Поточно, јагленот во 2022 година бил најважен енергетски извор со 33,2 отсто, додека енергијата на ветерот била застапена многу помала – учество со 24 отсто. Иако ветерот го зазеде првото место, вториот најважен извор на енергија во 2023 година беше јагленот.

Кога станува збор за некои други извори, природниот гас пораснал за 3,9 отсто на учество од 13,6 отсто во 2023 година.

Како што се наведува, поради исклучувањето на последните нуклеарни централи во април 2023 година, испорачаната електрична енергија од нуклеарна енергија значително се намалила во однос на претходната година и учествувала само со 1,5 отсто од количината на испорачаната електрична енергија. Во 2022 година таа изнесуваше 6,4 отсто.

Извор: energetskiportal.rs

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни