Германија воведе ново правило: Мажи од 17 до 45 години ќе бараат воена дозвола за престој во странство

Германија воведе нова законска обврска – мажи на возраст од 17 до 45 години ќе мора да добијат дозвола од Бундесвер за подолг престој во странство.

Мажи на возраст од 17 до 45 години отсега ќе мора да добијат дозвола од германската војска за подолг престој надвор од Германија, објави Еуроњуз.

Нов член во германскиот Закон за воена служба предвидува дека мажите ќе мора да побараат дозвола од надлежен регрутен центар на Бундесвер доколку сакаат да ја напуштат земјата на период подолг од три месеци.

„За патувања во странство се бара едноставна процедура“, пренесува Еуроњуз, наведувајќи дека младите кои, на пример, сакаат да престојуваат шест месеци или една година во странство поради образование, ќе мора да обезбедат ваква дозвола.

Засега не е познато какви ќе бидат последиците за оние кои нема да побараат одобрение.

Белгискиот дневен весник Ле Соар оценува дека оваа мерка му овозможува на Бундесвер да има поголема контрола врз лицата кои престојуваат во странство.

Законот за воена служба, кој стапи во сила на 1 јануари 2026 година, има за цел зголемување на бројот на припадници на германската армија. Планот е бројот на активен воен персонал да се зголеми од 180.000 на 270.000 до 2035 година.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни