Германскиот канцелар Фридрих Мерц изјави дека Германија започнала доверливи разговори со Франција за можноста за европско нуклеарно одвраќање, нагласувајќи дека Европа мора да стане посилна во време кога глобалниот поредок се менува.
Говорејќи на отворањето на Минхенската безбедносна конференција, Мерц порача дека континентот мора да ја зацврсти својата безбедносна архитектура и истовремено да работи на обновување на довербата со САД.
„Започнав доверливи разговори со францускиот претседател за европско нуклеарно одвраќање. Ние Германците се придржуваме до нашите законски обврски. Ова го гледаме како дел од нуклеарното споделување во рамки на НАТО и нема да дозволиме во Европа да се појават зони со различна безбедност“, изјави Мерц.
Германија, според меѓународните договори, нема право да развива сопствено нуклеарно оружје. Франција, пак, е единствената нуклеарна сила во Европската Унија и располага со четвртата по големина нуклеарна арсенал во светот.
Европа во „ера на големите сили“
Мерц предупреди дека американското лидерство повеќе не може да се зема здраво за готово и дека Европа мора да се подготви за поголема самостојност.
„Лидерството на САД е доведено во прашање, можеби веќе е изгубено. Во ерата на големите сили, нашата слобода повеќе не е автоматски загарантирана. Таа е под закана. Меѓународниот поредок заснован на правила повеќе не функционира како порано“, рече германскиот канцелар.
Неговите изјави се толкуваат како сигнал за стратешко репозиционирање на Германија – земја која останува цврсто закотвена во НАТО, но истовремено се подготвува за сценарио во кое американските безбедносни гаранции би биле помалку извесни.
Продлабочен јаз со Вашингтон
Мерц се осврна и на зголемените политички и економски тензии меѓу Европа и САД, особено во контекст на трговските и идеолошките разлики поврзани со политиките на Доналд Трамп.
„Се отвори длабок јаз меѓу Европа и САД. Културните војни на САД не се наши. Ние не веруваме во царини и протекционизам, туку во слободна трговија“, порача тој.
Изјавите на Мерц доаѓаат во време на зголемена геополитичка неизвесност и растечки дебати за тоа дали Европската Унија треба да развие посилни сопствени одбранбени капацитети, вклучително и околу француската нуклеарна заштита како потенцијален европски безбедносен штит.
Извор – Ројтерс