Германија гради силна армија, но се соочува со сериозен предизвик

Германија вложува рекордни средства за да изгради најсилна армија во Европа, но се соочува со сериозен недостиг од војници и инфраструктура.

Германија има јасна амбиција да изгради најсилна армија во Европа. Додека пред три децении повторното обединување на земјата кај дел од европските држави будеше страв од создавање доминантна воена сила, денес во услови на сè поизразена американска воздржаност во европската одбрана германските инвестиции во армијата се гледаат како столб на безбедноста на континентот.

„Zeitenwende“ – пресврт во германската безбедносна политика

Руската инвазија врз Украина во февруари 2022 година темелно ја смени германската безбедносна доктрина. Поимот „Zeitenwende“ (историски пресврт) стана клучен за разбирање на новиот курс на Берлин.

Во говор пред Бундестагот на 27 февруари 2022 година, тогашниот канцелар Олаф Шолц најави раскин со политиката на ослонување на трговските врски со Москва и формирање специјален фонд од 100 милијарди евра за модернизација на германската армија, Бундесверот.

„Дали ќе му дозволиме на Путин да нè врати во 19 век и во ерата на големите сили, или имаме сила да ги држиме под контрола воените поттикнувачи? За тоа е потребна сопствена сила“, изјави тогаш Шолц.

Говорот беше широко поддржан и од власта и од опозицијата. Актуелниот канцелар Фридрих Мерц годинава истакна дека Германија е „на пат да ја изгради најсилната конвенционална армија во Европа“, што, според него, се очекува од земја со таква големина, економска моќ и географска позиција.

Армија со години запоставувана

Овој заокрет се случува во време кога администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп инсистира Европа да преземе поголема одговорност за сопствената одбрана, додека разузнавачките служби предупредуваат дека Русија би можела да ги тестира границите на НАТО уште до 2029 година.

Бундесверот со децении функционираше со недоволен буџет и ограничени капацитети. Од околу 500.000 војници во 1980-тите, бројката се намали на 178.000 до 2010 година. Германија ја редуцираше и тешката воена опрема за територијална одбрана за 80 до 90 проценти. До 2019 година, резервите на муниција биле толку ниски што армијата би можела да води интензивни борби само два до три дена.

Симбол на ваквата состојба стана инцидент од пред една деценија, кога германски војници на НАТО-вежба во Норвешка, поради недостиг од опрема, на оклопните транспортери наместо митралези поставиле обоени дршки од метли, настан што Берлин се обидел да го прикрие.

Рекордни вложувања во одбраната

Германскиот парламент во септември 2025 година одобри одбранбен буџет од 62 милијарди евра, за околу 10 милијарди повеќе од претходната година. Дополнително, планирани се уште 24 милијарди евра од специјалниот фонд, со што вкупната воена потрошувачка надминува 86 милијарди евра.

Министерот за одбрана Борис Писториус најави дека Германија до 2029 година ќе ги зголеми одбранбените трошоци на околу 3,05 проценти од БДП. Клучна беше и уставната реформа од март 2025 година, со која трошоците за одбрана над 1 процент од БДП се изземаат од строгите фискални ограничувања, што ѝ овозможува на Германија значително поголемо задолжување за воената индустрија.

Амбициозни планови за модернизација

Според интерни документи до кои имале увид медиуми, германската влада планира набавки вредни до 377 милијарди евра за копнените сили, воздухопловството, морнарицата, како и за вселенските и кибер-капацитети. Предвидени се околу 320 нови проекти за набавка на оружје и опрема.

Меѓу плановите се испорака на 687 борбени возила „Пума“ до 2035 година, набавка на 561 систем за противвоздушна одбрана со краток дострел „Skyranger 30“, како и милиони парчиња муниција. Политички најчувствителен е планот за можната набавка на дополнителни 15 борбени авиони Ф-35, како и крстосувачки ракети „Томахок“.

Клучниот проблем – недостиг од луѓе

И покрај финансиските и индустриските ресурси, Германија се соочува со сериозен проблем со човечкиот потенцијал. Бундестагот неодамна одобри повторно воведување делумна воена обврска, заснована на доброволна основа, со можност за задолжителен повик доколку нема доволно пријавени регрути.

Според обврските во рамки на НАТО, Германија треба да има 260.000 активни војници, додека моментално Бундесверот брои околу 185.000. Протести против повторното воведување на воениот рок веќе се одржаа низ земјата, особено меѓу средношколците, под слоганот „Не сакаме да бидеме топовско месо“.

Експертите предупредуваат дека дури во 2030-тите Германија би можела да достигне доволен број војници. Дополнително, речиси 28 проценти од пониските чинови и околу 20 проценти од офицерските позиции се непополнети, а инфраструктурата, касарните и базите, е во лоша состојба.

И покрај амбициозните планови, германската армија, според официјалните извештаи, „сè уште има премалку од сè“, што останува најголемиот предизвик во обидот земјата да стане водечка воена сила во Европа.

Извор: Index.hr

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни