Германија ги заострува условите за социјална помош

Германската влада во средата го одобри нацрт-законот за реформа на системот на социјална заштита, со кој значително се заоструваат критериумите за добивање државна помош.

Со стапување на сила на законот, предложен од министерката Бербел Бас, ќе се укине досегашната помош позната како „граѓански доход“, а на нејзино место ќе се воведе таканаречена „основна помош за баратели на работа“, пренесува агенцијата dpa.

Новите правила значително го отежнуваат пристапот до социјална помош за околу 5,5 милиони луѓе кои моментално ја користат. Дел од критериумите веќе предизвикаа тензии меѓу коалициските партнери во владата, конзервативците на канцеларот Фридрих Мерц и Социјалдемократската партија.

Според нацртот, исплатата на помошта автоматски ќе се прекинува доколку корисникот трипати не се одѕове на повик за разговор во центарот за вработување. Во одредени случаи, корисниците може да ја загубат и помошта за домување.

Сепак, законот предвидува дека пред целосно укинување на помошта, корисниците ќе имаат можност за разговор со надлежните институции, лично или телефонски. Воедно, се воведуваат и посебни заштитни механизми за лица со психички проблеми.

Државата во иднина ќе обезбедува и помала заштита на имотот на корисниците. Тоа значи дека апликантите за помош најпрво ќе мора да ги искористат сопствените приходи и имот пред да добијат државна поддршка.

Одредено ниво на заштита на личните примања и имот сепак ќе остане, во зависност од возраста на кандидатите, а ќе се земаат предвид и дел од неизбежните трошоци за домување.

Извор: N1info.rs

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни