Германскиот државен долг минатата година се зголемил за 144 милијарди евра и достигнал вкупно 2,84 билиони евра, што одговара на 63,5 отсто од бруто-домашниот производ на земјата, соопшти Бундесбанката.
Повеќе од половина од растот на долгот се објаснува со вложувањата во инфраструктурата и одбраната. За споредба, германскиот долг во 2024 година изнесувал 62,2 отсто од БДП, додека европските правила предвидуваат горна граница од 60 отсто.
Институтот за светска економија во Кил проценува дека германскиот долг во 2026 година ќе изнесува околу 65 отсто од БДП, а во 2027 година дури 66,6 отсто, пред сè поради планираните милијардни инвестиции во инфраструктурата и одбраната.
Зголемувањето на долгот било поголемо од вкупниот државен дефицит од 119 милијарди евра, што го објави германскиот Сојузен завод за статистика, бидејќи дел од долгот бил искористен за акумулација на финансиски средства, што не се евидентира како дефицит, пренесува „Виртшафтсвохе“.
Долгот на сојузната влада се зголемил за 107 милијарди евра, додека долговите на сојузните покраини и општините пораснале за 19, односно за 25 милијарди евра.
Долговите на социјалното осигурување се повеќе од удвоиле, од три на седум милијарди евра, но тие главно се водат како внатрешни кредити на сојузната влада и не влегуваат во вкупниот државен долг.