Германија го забранува семејното обединување за мигранти со привремена заштита

Германскиот парламент усвои законски измени за да се запре семејното обединување за лица со статус на привремена меѓународна заштита, клучна мерка на новата миграциска политика на владата на канцеларот Фридрих Мерц. 444 претставници гласаа за предлогот, додека 135 беа против.

Промените се дел од поширока реформа насочена кон ограничување на пристигнувањата во земјата. Министерот за внатрешни работи Александар Добриндт (CSU) рече дека станува збор за „бројни мерки што треба да се преземат за да се постигне пресврт на миграцијата“, нагласувајќи дека сегашните правила дозволуваат пристигнување на илјадници роднини на мигранти преку правото на семејно обединување.

Дел од реформите на законот за државјанство остануваат во сила
Други делови од претходно усвоениот „закон за државјанство“ – како што е можноста за стекнување државјанство по пет години престој или три години со исклучителни достигнувања во интеграцијата – остануваат во сила. Сепак, владејачката коалиција објави укинување на опцијата за државјанство по три години.

Поделени политички реакции

Реформите добија широка политичка поддршка од десницата. Партијата Алтернатива за Германија (AfD) ги поддржа промените, наведувајќи дека многу од нивните идеи се вклучени во законот. Од друга страна, германската левица и Зелените остро го критикуваат овој потег.

„Ова не е промена на насоката, туку фронтален напад врз нашиот народ“, рече Ферат Кочак од партијата Ди Линке, додека Зелените предупредија дека интеграцијата на мигрантите ќе стане уште потешка без емоционалната поддршка од членовите на семејството.

Организацијата Про Азил најави правна борба против законските измени, наведувајќи дека тие се неправедни и нехумани. Германскиот весник Цајт наведува дека овие промени најмногу ќе влијаат врз сириските граѓани.

Одбивањата на границата веќе се во тек

Германија веќе ги спроведува таканаречените „одбивања на границата“, а од 7 мај до денес им одби влез на околу 5.000 мигранти, вклучувајќи 246 баратели на азил. Владата истакнува дека со овие мерки сака да воведе ред во миграцискиот систем и да направи разлика помеѓу легални и нелегални влезови.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни