Германија, Британија и Франција планираат нови преговори со Иран за неговата нуклеарна програма во следните денови, први откако Соединетите Американски Држави пред еден месец ги нападнаа иранските нуклеарни објекти, изјави денеска германски дипломатски извор за агенцијата АФП.
Британија, Франција и Германија, познати како Е3, „се во контакт со Иран за договарање на натамошни преговори следната недела“, рече изворот. Тројката неодамна предупреди дека меѓународните санкции против Иран може да бидат повторно активирани доколку Техеран не се врати на преговарачката маса.
„Техеран се согласи да одржи преговори“
Иранската новинска агенција Тасним исто така објави дека Техеран се согласил да одржи преговори со трите европски земји, повикувајќи се на неназначен извор.
Се одржуваат консултации за датумот и местото на одржување на преговорите, се наведува во извештајот.
„На Иран никогаш не смее да му се дозволи нуклеарно оружје. Затоа Германија, Франција и Велика Британија продолжуваат интензивно да работат во форматот Е3 за да најдат одржливо и проверливо дипломатско решение за иранската нуклеарна програма“, рече германскиот извор.
Израел и западните земји долго време го обвинуваат Иран дека се обидува да развие нуклеарно оружје, што Техеран го негира.
Израел на 13 јуни започна изненаден напад врз својот регионален непријател, таргетирајќи клучни воени и нуклеарни објекти.
САД започнаа свој напад врз иранската нуклеарна програма на 22 јуни, погодувајќи го објектот Фордо за збогатување ураниум во провинцијата Ком на југот на Иран, како и нуклеарните локации во Исфахан и Натанз.
Иран и САД одржаа неколку рунди преговори со посредство на Оман пред Израел да започне својот 12-дневен конфликт со Иран. Меѓутоа, одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп да се приклучи на Израел во нападот на иранските нуклеарни објекти веднаш ги прекина преговорите.
Земјите од Е3 последен пат се сретнаа со иранските претставници во Женева на 21 јуни, само еден ден пред американските напади.