Според најавите, владата ќе го активира членот 72 од Договорот за функционирање на Европската унија, со што привремено ќе се суспендира Даблинската регулатива. Целта е воспоставување трајни строги гранични контроли и одбивање на барателите на азил уште на самата граница.
Иако не е објавено кога точно ќе стапи на сила оваа „национална вонредна состојба“, одлуките веќе се применуваат. Веднаш по преземањето на функцијата, новиот министер за внатрешни работи Александер Добринд (ЦСУ) нареди одбивање на барателите на азил на германските граници, укинувајќи ја политиката од 2015 година, која дозволуваше влез на мигранти од „безбедни трети земји“ доколку побараат азил.
Во писмото до Сојузната полиција, Добринд појаснува дека влезот може да им биде одбиен на сите кои пристигнуваат преку безбедна трета земја, со исклучок на „ранливи лица“ како што се бремени жени.
Канцеларот Мерц уште во изборната кампања истакнуваше дека миграцијата ќе биде еден од неговите врвни приоритети. Тој нагласуваше дека одбивањето на азиланти на граница е правно возможно, бидејќи тие веќе влегле преку безбедна соседна земја. Ако, пак, постои судир со европското законодавство – тоа треба да се измени, или пак Германија да прогласи вонредна состојба.