На специјална седница во Министерството за одбрана на Германија, министрите го одобрија правниот основ што предвидува регистрирање на млади мажи за потенцијална воена служба. Сепак, на почетокот фокусот ќе биде ставен врз доброволно пријавување и попривлечни услови за служење. Предлог-законот сега оди на разгледување во Бундестагот, каде што може да претрпи измени.
Обврзната воена служба засега не е предвидена. Германскиот канцелар, Фридрих Мерц (ЦДУ), нагласи дека проширувањето на војската треба да се одвива најнапред преку „доброволност“.
Тој изрази уверување дека, барем за почеток, ќе се постигне потребната бројка на регрути.
Коалицијата на ЦДУ и СПД е согласна дека, доколку новите стимули не дадат резултати, можно е по неколку години повторно да се воведе задолжителен воен рок.
„Се враќаме кон војска базирана на служба. Целта е да достигнеме бројка од 260.000 војници, и ќе сториме сè за тоа да го постигнеме. Германија мора да има најголема конвенционална армија во Европа во рамките на НАТО,“ изјави Мерц. Во моментов, на германската војска ѝ недостасуваат и касарни и обучувачи.
Мерц изрази олеснување што претходниот состав на Бундестагот, преку уставни измени, овозможи значително задолжување за одбраната.
„Инаку, НАТО самитот во јуни ќе изгледаше сосема поинаку“, додаде тој.
Како уште едно значајно постигнување на оваа седница, беше објавено и формирањето на Национален совет за безбедност.
„За ова прашање се зборуваше со децении – а ние го реализиравме за само четири месеци“, рече Мерц.
Тој ја гледа оваа воена реформа како дел од поширокиот пакет наречен „Есен на реформите“. Како што рече, реформскиот бран може да почне и со надворешно-политичка одлука.
Министерот за одбрана, Борис Писториус, го оцени новиот закон за воена служба како „голем чекор напред“ и нагласи дека владата се залага за „одговорност и служба кон татковината“. Тој најави дека ќе има дебати, но смета дека тие се добредојдени.
„Силна армија е најефективно средство за спречување војна. Токму тоа е нашата цел. Германија мора да има добро организирана резерва за годините што доаѓаат“, истакна Писториус. Тој додаде дека е неопходно зголемување на бројот на војници и дека проширувањето на војската не смее да биде попречено.
Во иднина, Германија ќе нуди и „образовни модули“ за оние што ќе останат во служба подолго од шест месеци. Во програмата ќе биде вклучена и обука за ракување со дронови. Дополнително, според Писториус, платите ќе бидат зголемени и ќе изнесуваат околу 2.300 евра нето.
„Сместувањето и здравственото осигурување ќе бидат целосно покриени од државата“, дополни тој.