Герила акција во Скопје: Промоција на првиот чај со 100% ефект против говор на омраза

Перформативна акција „Чај против говор на омраза“ се одржа денеска на ул. Македонија, кај Спомен-куќата на Мајка Тереза.

Перформативната акција „Чај против говор на омраза“ се одржа денеска на ул. Македонија, кај Спомен-куќата на Мајка Тереза.

Акцијата се базира на директна интеракција со минувачите и користи еден едноставен, но длабоко вкоренет симбол во нашата култура – чајот. Во македонското секојдневие, чаевите и билките традиционално се користат како лек за телото, но и како момент за смирување, разговор или тишина. Токму затоа, „Чај против говор на омраза“ го користи чајот како алатка за рационално размислување, забавување на импулсивните реакции и прекин на автоматските навреди и стереотипи.

Во предновогодишна атмосфера, со симболична сценографија, на граѓаните ќе им се дели чај и кратка приказна за тоа што е говор на омраза, зошто е штетен и како секој од нас може да реагира и да придонесе кон негово спречување. Дел од минувачите и заинтересираните ќе добијат и мало пакување „Чај против говор на омраза“ за дома, со основни пораки и упатство за приготвување кое, преку тишина и воздржаност, симболично повикува на одговорна и свесна комуникација.

За постигнување на најдобри ефекти, граѓаните се повикуваат строго да се придржуваат до упатството за употреба на „Чајот против говор на омраза“, бидејќи со правилна употреба краткорочните ефекти на неговото „дејство“ можат да достигнат и до 100%, велат иницијаторите.

Чајот се препорачува да се користи за време на гледање вести, при зголемена активност на социјалните мрежи, како и за време на слави и прослави. Шолјата се држи со двете раце, се отпива една голтка и истата се задржува во устата најмалку пет минути – без зборување. По истекот на времето, чајот се голта и постапката се повторува.

На овој начин се постигнува моментален ефект – привремено, но ефикасно оневозможување на било каков облик на говор на омраза.

Акцијата „Чај против говор на омраза“ преку хумор, перформанс и секојдневни навики отвора простор за тивка, но јасна порака: понекогаш, најсилниот одговор на омразата е да застанеме, да замолчиме и да размислиме.

Оваа акција е подготвена од Центарот за современи уметности – Скопје во рамките на проектот Мрежа за разновидност 2.0 – Нова агенда што го спроведува Здружението за унапредување на новинарските практики „Иновативни медиуми – Скопје.”

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни