Во општество каде што различноста често се доживува како хендикеп, Гере Трипков избира да ја претвори во сила. Тој е гласот што не само што се слуша, туку и инспирира. Како активист, креативец, lifestyle coach и магистер по меѓународни односи на Варшавскиот универзитет, Гере секојдневно работи на рушење на бариерите што ги разделуваат луѓето.
Преку своето здружение „Equality“ – Скопје, активно се залага за достоинствен третман, вклучување и еманципација на лицата со попреченост, како и на сите што се чувствуваат исклучени од системот. За него, прифаќањето не е луксуз, туку основа за хумано општество.
Во оваа епизода, Гере ни открива колку пречки премостува секој ден, кое е неговото омилено место во Скопје, кој дел од градот е најтежок за движење ако сте лице со попреченост, како и кој професор оставил најголема трага во неговото образование. Искрено, лично и со доза хумор – ова е Гере каков што не сте го виделе досега.
Но оваа епизода носи и нешто повеќе – нашиот колега Дениз добива „часови по возење количка“ и ќе се обиде да ги заврши некои од најосновните дневни обврски – но во улога на лице во количка. Колку е навистина достапен светот околу нас кога ќе го погледнеме од друга перспектива?
Погледнете ја новата епизода на РеТрн – искрена, отворена и полна со моменти кои ќе ве натераат да се запрашате: дали навистина сме општество отворено за сите?