Во повеќе италијански градови продолжуваат протестите во знак на поддршка за Глобалната флотила „Сумуд“ и палестинскиот народ. За денеска (3 октомври), беше најавен генерален штрајк, повикан од Италијанската генерална конфедерација на трудот (CGIL) и Унијата на базни синдикати.
Штрајкот вклучува јавен и приватен сектор, а опфаќа железнички, локален и авионски транспорт, такси служби, автопати, здравствени установи, пожарникари и училишта.
Напнатост по пресретнувањето на флотилата
Напнатоста во Италија се зголеми откако израелската војска ноќта меѓу среда и четврток пресретна флотила во меѓународни води, при што беа уапсени повеќе активисти, меѓу кои и италијански државјани.
Според најавите, активистите ќе бидат депортирани од израелското пристаниште Ашкелон назад во Европа.
Студентски протест и окупација на универзитет
Студентите на Универзитетот во Милано го окупираа кампусот и најавија дека ќе учествуваат во генералниот штрајк, протестирајќи против постапките на Израел кон хуманитарната флотила.
Мелони: Штрајкот не ѝ користи на Палестина, туку ѝ штети на Италија
Италијанската премиерка Џорџа Мелони остро го критикуваше штрајкот, нарекувајќи го:
„Гест кој не ѝ помага на Палестина, туку ѝ нанесува голема штета на Италија“.
Од Копенхаген таа порача дека не очекувала тие што тврдат дека се загрижени за Палестина да повикаат на штрајк токму во петок:
„Револуцијата и продолжениот викенд не одат заедно“, додаде саркастично Мелони.
Таа истакна дека италијанската влада ќе обезбеди конзуларна помош за уапсените државјани, но нема да ги покрие трошоците за нивното враќање во земјата.