„Генерацијата З“ го собори парламентот на Мадагаскар

Илјадници млади демонстранти и елитна воена единица предизвикаа распуштање на парламентот во Мадагаскар. Претседателот Раџоелина ја напушти земјата поради страв за својот живот. Ситуацијата останува нестабилна

Претседателот на Мадагаскар, Андри Раџоелина (51), во вторникот (14 октомври) соопшти дека го распуштил Народното собрание. Претседателот се консултирал со лидерите на Собранието и Сенатот, стои во декретот објавен на Facebook, но, како што пренесува Reuters, не беше веднаш јасно дали тој потег има правна тежина, пренесува Euronews.

Раџоелина изјави дека ја напуштил земјата поради страв за својот живот поради воен бунт, но во говор емитуван на социјалните мрежи од непозната локација не поднесе оставка, пренесува „Guardian“.

Претходно претседателот најави дека ќе ја распушти владата по повеќедневните протести на младите луѓе поради долготрајни прекини на водоснабдувањето и струјата.

„Признаваме и се извинуваме ако членовите на Владата не ги исполнувале задачите што им беа доверени“, рече Раџоелина порано во директен говор на националната телевизија.

Протестите на Генерацијата Z собраа илјадници, претежно млади демонстранти, во градовите низ Мадагаскар под паролата: „Сакаме да живееме, а не да преживуваме“.

Овие протести, кои траат недели, достигнаа врв во саботата кога елитна воена единица се приклучи на демонстрациите и побара од претседателот и министрите да поднесат оставки.

Тоа ја наведе Раџоелина да тврди дека се случува нелегален обид за преврат на островот во Индискиот Океан и да ја напушти земјата.

„Бев приморан да најдам безбедно место за да го заштитам мојот живот“, рече Раџоелина во говорот доцна во понеделникот, кој требаше да се емитува и на телевизијата на Мадагаскар.

Емитувањето на говорот на националната телевизија беше одложено поради неколку часови откако војници се обиделе да ја превземат контролата над зградите на државната телевизија, соопшти претседателската канцеларија.

Говорот на крајот беше објавен на официјалната Facebook-страница на претседателството, но не и на националната телевизија.

Тоа беа првите јавни изјави на Раџоелина откако воена единица „Капсат“ се сврте против неговата влада во очигледен пуч и се приклучи на илјадниците демонстранти кои за време на викендот се собраа на главниот плоштад во престолнината Антананариво, јави Nova.

Раџоелина повика на дијалог „за да се најде излез од оваа ситуација“ и рече дека Уставот мора да се почитува.

Не откри каков беше неговиот излез од Мадагаскар ниту каде се наоѓа, но еден извештај наведува дека бил евакуиран од земјата со француски воен авион.

Портпаролот на француското Министерство за надворешни работи одби да ги коментира тие тврдења.

Раџоелина првпат беше претседател во периодот 2009–2014, а се врати на власта во 2023 година.

Тој стана сè повеќе изолиран откако ја загуби поддршката на клучна воена единица која се приклучи на илјадниците млади активисти познати како „Генерацијата Z Мадагаскар“, кои протестираат против корупцијата и сиромаштијата.

Движењето претходно ги одби неговите повици за дијалог и побара оставка.

Луѓето во понеделникот ја преплавија плоштадот пред градската скупштина во Антананариво, маваа знамиња и скандираа пароли, а некои се качуваа и на воени камиони што пристигнуваа, јавија дописниците на AFP.

Меѓу демонстрантите беа и војниците од елитната единица „Капсат“, која има клучна улога и во државниот удар во 2009 година кога Раџоелина првпат дојде на власт, откако масовните протести го принудија неговиот претходник Марк Раваломана да се повлече.

Присутни беа и припадници на жандармеријата, обвинети за употреба на прекумерна сила за време на речиси секојдневните протести во последните две недели. Тие во видео-изјави признаа „грешки и претерувања“ во своето постапување.

Според податоците на Обединетите нации, најмалку 22 лица биле убиени во првите денови од насилството, од страна на безбедносните сили и други, во инциденти што ги искористија криминални групи и грабежи.

Сепак, Раџоелина ги оспори тие податоци, тврдејќи минатата недела дека има „12 потврдени смртни случаи и дека сите тие луѓе биле грабежници и вандали“.

Во сабота, некои војници од единицата „Капсат“ објавија видео на социјалните мрежи во кое рекоа: „Да се здружиме — војска, жандармерија и полиција — и да одбиеме да примаме плата за да пукаме во нашите пријатели, браќа и сестри.“

„Затворете ги вратите и чекајте ги нашите инструкции. Не ги слушајте налогите на вашите надредени. Свртете ги оружјата кон оние кои ви наредуваат да пукаме во нашите другари, затоа што тие нема да се погрижат за нашите семејства ако загинеме“, додадоа во видеото војниците од единицата „Капсат“.

Немирите започнаа по апсењето на двајца политичари на 19 септември, обвинети за планирање протести поради чести прекини на вода и струја во земјата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни