Денес, Фондацијата Отворено Општество – Западен Балкан беше домаќин на „Gen Z Kitchen Festival: Што се готви во Западен Балкан “, кој се одржа во Брисел. Настанот обедини млади активисти од целиот Западен Балкан со политичари, политиколози и креатори на политики од ЕУ, во динамични разговори за политичката ангажираност и демократијата во регионот.
Двајца млади Европратеници, Лукас Сипер и Лена Шилинг, учествуваа на фестивалот и директно дебатираа со млади активисти од регионот. Реномираниот политиколог и автор Иван Крастев говореше за можните точки на зовривање на демократиите во регионот.
На фестивалот, главната истражувачка,Лура Положани, ги презентираше резултатите од истражувањето нарачано од Фондацијата Отворено Општество – Западен Балкан, во кое беа опфатени над 6.000 припадници на генерацијата З (на возраст од 16 до 28 години) од Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија.
Истражувањето покажува дека Генерацијата З во регионот и понатаму верува во демократијата, ги цени изборите и ја гледа Европа како дел од својата иднина. Меѓутоа, оваа генерација повеќе не дава доверба по автоматизам. Поддршката останува широка, но согласноста станува условена, заснована на перформанс и отповиклива.. Оваа тивка промена,а не апатијата, претставува клучен елемент за демократскиот легитимитет и европската интеграција во регионот.
Поради нивната посветеност на демократијата и институционалните реформи, оваа генерација може да се нарече „ЕУ генерација“. Но, нивната поддршка е условена: Генерацијата З не сака членство во ЕУ по секоја цена, без реформи или без јасна визија што значи пристапувањето за нивната иднина.
Огромно мнозинство, 79,7%, сметаат дека демократијата е најдобрата форма на владеење. Не изненадувачки што 76,5% не би поддржале лидер кој/а ги заобиколува парламентот или изборите, иако изразуваат преференција за силно и ефективно владеење.
Спротивно на перцепциите во Европа, 64,8% од Генерацијата З ја гледаат својата иднина во сопствената земја, што укажува на ограничен интерес за миграција во ЕУ. Дури и кај оние кои размислувале да ја напуштат својата земја, фокус групите открија дека заминувањето е последна опција.
„Генерацијата Z во Западен Балкан се чини дека е среќна генерација, но стратешки исклучена од формалната политика. Сепак, тие продолжуваат да гласаат и да останат информирани. Ова го поставува прашањето: Дали тие не даваат согласност? Денес од нивните влади, утре од Европа?“ – изјави Анди Добруши, директор на Фондацијата Отворено Oпштество – Западен Балкан.
Gen Z Kitchen Festival ја нагласува потребата да се слушнат перспективите на младите во време кога Европа се соочува со прашања за демократскиот легитимитет и проширувањето.