Гејмификација на војната: САД конфликтот со Иран го претвораат во „видео игра“ на социјалните мрежи

Белата куќа објавува видеа од нападите врз Иран монтирани со сцени од видео игри и филмови, што отвори дебата за „гамификација“ на војната и нејзината вистинска човечка цена.

Американската влада нападите врз Иран ги претставува како да се дел од видео игра, повикувајќи ја јавноста да ја следи војната преку мемиња и монтажи кои ја потиснуваат во втор план човечката цена на конфликтот.

Иако администрацијата на Доналд Трамп не ја измисли ниту гејмификацијата на војната ниту воената пропаганда – алатки на политиката стари колку и самите војни, ова е првпат во историјата на американското војување реалните борби да се „пакуваат“ како содржина за социјални мрежи, со снимки од вистински напади кои се емитуваат во реално време пред милионска публика, пишува Axios.

Гејмификација значи користење елементи и механики од игрите во активности кои не се игри, со цел да се зголеми интересот и ангажманот на луѓето.

Провокативни видеа од Белата куќа

Две недели по почетокот на операцијата „Епски бес“, голем дел од онлајн комуникацијата на Белата куќа беше отворено провокативна.

Објавени беа повеќе видеа во кои реални снимки од ракетни напади се комбинираат со сцени од популарни видео игри како Call of Duty и Wii Sports, како и со кадри од холивудски блокбастери.

Во едно видео се испреплетени сцени од филмовите „Топ Ган“, „Ајрон Мен“ и „Храбро срце“ со снимки од уништени ирански цели, а видеото завршува со звучниот ефект „Совршена победа“ од играта „Мортал Комбат“.

Друго видео започнува со мем од играта „Гранд Тефт Ауто“ – „Ах, срање, еве нè пак“ – по што следуваат снимки од напади врз цели во Иран.

Одговорот на Белата куќа

Откако CNN емитуваше прилог за ваквата содржина, директорот за комуникации на Белата куќа Стивен Чеунг иронично му се заблагодари на медиумот што ги промовира „нашите хит видеа“.

Подоцна на социјалните мрежи објави и шифра за „cheat code“ од играта Grand Theft Auto за отклучување оружје, а критичарите ги поздрави со иронична порака: „Победи во чатот, момци“.

„Традиционалните медиуми сакаат да се извиниме затоа што го истакнуваме неверојатниот успех на вооружените сили на САД, но Белата куќа ќе продолжи во реално време да прикажува примери на уништување на ирански балистички проектили, производствени погони и соништа за нуклеарно оружје“, изјави портпаролката на Белата куќа Ана Кели за Axios.

Таа додаде дека „никој не им се потсмева на американските војници“, туку дека се истакнува „моќта и успехот на војската“.

Морални критики и поширок контекст

Видеата го постигнаа ефектот што Белата куќа го посакуваше – демонстрираа сила, предизвикаа шок и го зајакнаа имиџот на Трамп како лидер кој дејствува силно и без компромиси.

Сепак, тие предизвикаа и остри критики. Чикашкиот кардинал Блејз Купич ја осуди гамификацијата на војната како „длабок морален неуспех“ кој „им ја одзема човечноста на вистинските луѓе“.

Војната како содржина и пазар за обложување

Видеата на Белата куќа се само највидливиот дел од поширок феномен – создавање цел екосистем во кој војната се консумира како медиумска содржина.

Современите конфликти стануваат и пазари за обложување во живо. Повеќе од една милијарда долари биле вложени во облози поврзани со нападите врз Иран и можната промена на режимот.

Платформата Kalshi водела пазар вреден 54 милиони долари за тоа дали иранскиот врховен лидер ќе ја напушти функцијата. Откако тој беше убиен, платформата се повика на малку позната „клаузула во случај на смрт“, што доведе до колективна тужба.

Платформата Polymarket кратко време нудеше и обложување за времето на евентуална нуклеарна детонација, привлекувајќи речиси милион долари облози пред пазарот да биде тивко повлечен.

Вистинската цена на конфликтот

Мемовите и профитерството ја прикриваат вистинската човечка цена на војната.

„Војната е пекол и секогаш ќе биде“, призна американскиот министер за одбрана Пит Хегсет.

Најмалку 13 американски војници се убиени, а стотици се повредени, вклучувајќи десетици со трауматски повреди на мозокот, рани од шрапнели и изгореници, објави CBS News.

Прелиминарната истрага на Пентагон утврдила и дека американската војска по грешка погодила иранско училиште за девојчиња со ракета „Томахавк“, при што наводно загинале 168 деца.

Во меѓувреме, израелските напади врз складишта за нафта во Техеран го оставија градот со девет милиони жители обвиен во густ, токсичен црн чад. Жителите пријавуваат „масна“ дождовница, печење во белите дробови и небо толку темно што го покрива сонцето.

Војната како дел од секојдневниот „feed“

За милиони Американци, војната во Иран се појавува во истиот „feed“ со мемиња, нискоквалитетна AI содржина и спортски клипови.

Токму тоа создава чувство на лажна блискост со вооружен конфликт какво што ниту една претходна генерација не го искусила.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни