Француското обвинителство спроведува истрага против TikTok поради содржини што поттикнуваат самоубиство кај младите

Париското обвинителство отвори истрага против платформата TikTok поради сомнежи дека овозможува и промовира содржини кои поттикнуваат самоубиство, особено меѓу младите лица.

Според соопштението објавено во вторник, истрагата ќе ги опфати објавите што содржат „содржини кои промовираат самоубиство“ и ќе утврди дали TikTok ги исполнил своите обврски за известување на властите за прекршоци извршени преку посредници. Истрагата ќе ја води единицата за сајбер-криминал на париската полиција, која ќе ги разгледа и можните кривични дела поврзани со „пропагирање производи или методи за одземање на животот“, како и евентуални незаконски трансакции поврзани со организиран криминал.

Оваа постапка следува по тужба поднесена од неколку француски семејства, како и по парламентарна истрага за психолошкото влијание на TikTok врз децата, и извештаи на Амнести интернешнал и францускиот Сенат кои предупредуваат на слични проблеми.

Во изјава за Асошиетед прес, TikTok ги отфрли обвинувањата наведени во парламентарниот извештај што ја поттикна истрагата, нагласувајќи дека платформата „инвестира значителни средства во безбедни и соодветни искуства за тинејџерите“. Компанијата посочи дека располага со „повеќе од 50 поставки за заштита на тинејџери“ и дека „9 од 10 видеа кои прекршуваат правила се отстрануваат пред да бидат прегледани“.

Доколку истрагата доведе до обвиненија и осудителни пресуди, одговорните би можеле да се соочат со повеќегодишни затворски казни и високи парични глоби. Во оваа фаза, обвинителството не објави имиња на лица кои би можеле да бидат обвинети.

Минатата година седум француски семејства поднесоа тужба против TikTok France, обвинувајќи ја платформата дека не успеала да го ограничи штетниот материјал и дека ги изложила децата на опасни содржини. Две од овие семејства изгубиле деца, меѓу кои и 15-годишната Мари Ле Тијек. Нејзината мајка, Стефани Мистр, по трагедијата открила во телефонот на ќерка ѝ видеа кои прикажувале методи за самоубиство и коментари што поттикнувале корисници да „одат подалеку од обичен обид“. Таа изјави дека алгоритмите на TikTok постојано ѝ препорачувале вакви содржини, „нормализирајќи ја депресијата и самоповредувањето и претворајќи ги во изопачен облик на припадност“.

Извор:Washington Post

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни