Француската морнарица денеска ( 22 јануари), пресретна танкер за нафта од Русија во Средоземното Море, за кој се сомнева дека е дел од таканаречената „флота во сенка“, а францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека бродот е под меѓународни санкции и дека наводно пловел под лажно знаме.
Операцијата е спроведена со поддршка на неколку сојузници, меѓу кои клучна улога одиграла Обединетото Кралство, кое собирало и споделувало разузнавачки податоци. Макрон истакнал дека акцијата е спроведена во целосна согласност со Конвенцијата на Обединетите нации за морското право и дека тоа ја покажува решеноста на Франција да го спроведува меѓународното право и ефикасноста на санкциите, пренесува Jutarnji.hr.
Пресретнат помеѓу Шпанија и Северна Африка
Поморскиот префект за Медитеранот појаснил дека пресретнувањето се случило на отворено море, помеѓу Шпанија и Северна Африка, кога товарниот танкер Гринч, кој отпловил од Мурманск, арктичко пристаниште во Баренцовото Море, бил запрен. Целта на операцијата беше да се провери националноста на бродот, а прегледот на документацијата ги потврди сомнежите за автентичноста на прикажаното знаме.
Поради ова, бродот беше пренасочен од планираната рута, а случајот беше пријавен во Државното обвинителство во Марсеј, кое отвори судска истрага. Танкерот моментално го следат силите на француската морнарица кон пристаништето, каде што ќе се извршат дополнителни проверки.
📍Mediterranean | High sea intervention led by the French Navy to control the pavilion of an oil tanker
— The 🇫🇷 Joint Staff – Military operations (@FrenchForces) January 22, 2026
⚓ Rerouting at the demand of the public prosecutor – under escort by the @MarineNationale – to proceed to further inspection
🛡️ Operation conducted in cooperation with our… https://t.co/PG7ZjgoqPk pic.twitter.com/w9u2QYQBEw
Според достапните податоци, танкерот Гринч е под тоа име на списокот на бродови на руската „флота во сенка“ санкционирана од Обединетото Кралство, додека на списокот на Европската Унија и Соединетите Американски Држави е наведен под името Карл. Во времето на пресретнувањето, според страницата MarineTraffic, бродот пловел источно помеѓу Алмерија и Оран, веејќи го знамето на Коморските Острови.
Објавени фотографии од операцијата
Макрон изјави дека „активностите на руската „флота во сенка“ директно придонесуваат за финансирање на војната против Украина“. Пресретнувањето на танкерот доаѓа во чувствителен политички момент, бидејќи украинскиот претседател Володимир Зеленски во својот говор во Давос изјави дека руските танкери сè уште се движат релативно непречено во европските води, без одлучна реакција од европските сојузници.
Францускиот Генералштаб објави и фотографии од самата операција за пресретнување на танкерот. Тие исто такана социјалните мрежи изјавија дека станува збор за акција насочена кон брод под руски санкции, спроведена во соработка со сојузниците и во целосна согласност со Конвенцијата на Обединетите нации за правото на морето.
