Франција забрани социјалните мрежи за деца под 15 години

Франција планира законска забрана за користење социјални мрежи за деца под 15 години поради менталното здравје и онлајн насилството. Законот има силна јавна поддршка.

Француското Национално собрание вчера даде поддршка на предлог-закон со кој на децата под 15-годишна возраст би им се забранило користење на социјалните мрежи, со образложение дека тие поттикнуваат онлајн насилство и имаат сериозно негативно влијание врз менталното здравје на младите.

Предлогот сега оди на разгледување во Сенатот, по што повторно ќе се гласа во Националното собрание. Доколку биде усвоен, Франција би станала една од првите европски земји со строги законски ограничувања за пристап на малолетници до социјалните платформи.

Макрон бара забраната да важи уште од следната учебна година

Францускиот претседател Емануел Макрон социјалните мрежи ги посочува како еден од главните фактори за зголеменото насилство меѓу младите и повикува Франција да го следи примерот на Австралија. Австралија во декември минатата година стана првата држава во светот што им забрани пристап до социјалните мрежи на малолетници под 16 години, вклучувајќи ги Facebook, Snapchat, TikTok и YouTube.

Макрон јавно изрази желба ваквата забрана во Франција да стапи на сила уште пред почетокот на новата учебна година во септември.

„Социјалните мрежи не се безопасни“

„Со овој закон поставуваме јасни граници и испраќаме порака дека социјалните мрежи не се безопасни“, изјави пратеничката Лор Милер од центристичката партија „Ренесанса“, која е блиска до претседателот Макрон.

„Децата сè помалку читаат, сè помалку спијат, а сè повеќе се споредуваат меѓусебно. Ова е битка за слободните умови“, додаде таа.

Европа размислува, но одлуките се национални

По примерот на Франција и Австралија, воведување слични забрани или ограничувања разгледуваат и други европски земји, меѓу кои Обединетото Кралство, Данска, Шпанија и Грција. Европскиот парламент веќе ја повика Европската унија да утврди минимална возраст за користење на социјалните мрежи, но конечната одлука останува во надлежност на земјите членки.

Во Франција, мерката има силна политичка и јавна поддршка. Пратеникот на крајната десница Тиери Перез од Националниот собир оцени дека станува збор за одговор на „здравствена криза“.

„Социјалните мрежи им овозможија на сите да се изразуваат, но која е цената што ја плаќаат нашите деца?“, праша Перез.

Проверка на возраст и предизвици во примената

Доколку законот стапи на сила, платформите ќе бидат обврзани да воведат механизми за проверка на возраста и да го блокираат пристапот за корисници под 15 години, во согласност со правото на Европската унија. Сепак, искуството од Австралија покажува дека спроведувањето е сложено – социјалните мрежи таму веќе се преплавени со профили на млади кои формално тврдат дека се постари, иако реално не се.

Франција дополнително одлучи да ја прошири забраната за користење паметни телефони и во средните училишта. Истражување на јавното мислење од 2024 година, спроведено од Harris Interactive, покажува дека 73 проценти од Французите ја поддржуваат забраната за пристап до социјалните мрежи за деца под 15 години. Меѓу младите во Париз, мислењата се поделени – дел признаваат дека социјалните мрежи носат ризици, додека други сметаат дека целосната забрана е претерана.

Извор: ХИНА

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни