Новите регистарски таблички ќе се користат за нови и увезени возила со привремена регистрација, заменувајќи ги досегашните бели таблички кои изгледаа исто како стандардните.
Според француското Министерство за внатрешни работи, мерката има за цел да спречи сè почести измами со привремени регистарски таблички.
Секоја година во Франција меѓу 350.000 и 450.000 возила добиваат привремени таблички што важат најмногу четири месеци. Сепак, голем број возачи продолжуваат да ги користат и по истекот на рокот, со што избегнуваат даноци, технички прегледи или откривање на прекршоци.
Изборот на розова боја не е случаен. Таа е најзабележлива во сообраќајот, што ќе овозможи на полицијата и царината полесно да ги препознаат возилата со привремена регистрација.
Дополнително, на секоја табличка ќе биде јасно отпечатен датумот на истекување (месец и година), со што службите и камерите за мерење брзина ќе можат веднаш да утврдат дали возилото легално учествува во сообраќајот.
Франција со ова станува првата земја во Европа што користи ваква боја за регистарски ознаки. Иако на прв поглед необично, експертите ја оценуваат мерката како едноставно, ефикасно и визуелно решение против долгогодишниот проблем со фалсификувани и застарени привремени таблички.
Со воведувањето на розовите регистарски таблички, властите очекуваат поголема транспарентност и контрола на патиштата, како и значително намалување на бројот на измами поврзани со регистрацијата на возила.
Извор: N1info.rs
 
				 
				 
								 
								 
								 
								