„Форумот за развој на Преспа“ и „Meet Prespa“ на брегот на Преспанското езеро

Викенд во кој ја славиме убавината на Преспа

Ако езерото последниве години беше симбол на една голема еколошка катастрофа, викендов ќе биде симбол на надеж за враќање на некогашната убавина. Преспа која по многу нешта е посебна, неповторлива и магична во овие три дена ќе има можност уште еднаш да ја раскаже својата приказна за да биде забележана. Можеби и да биде спасена. Во овие неколку дена Преспа ќе ја чека својата европската иднина

Викендов Преспа ќе биде центар на летната фестивалска сцена која ќе ги поврзе луѓето од сите трите страни на езерото преку добра музика и локана храна, и во истовреме ќе биде место за дијалог за перспективите на овој регион кој има многу што да понуди. Ако езерото последниве години е симбол на една голема еколошка катастрофа, викендов ќе биде симбол на надеж за враќање на некогашната убавина. Преспа која по многу нешта е посебна, неповторлива и магична во овие три дена ќе има можност уште еднаш да ја раскаже својата приказна за да биде забележана. Можеби и да биде спасена.

Езерото со регионот кој обединува непроценливо природно, културно и историско наследство, до недела ќе биде домаќин на „Форумот за развој на Преспа“ и на фестивалот “Meet Prespa“.

Под мотото „Обединети за Преспа“ од денес до недела во Претор ќе се одржи „Форумот за развој на Преспа“ на кој граѓанските организации, локалните власти и претставници на ЕУ ќе ги промовираат можностите за финансирање од ЕУ понудени на Преспанскиот регион за обновување на природните ресурси, за одржливо земјоделство и туризам и подобрување на инфраструктурата.

Најавено е дека амбасадорот Дејвид Гир, шеф на делегацијата на Европската Унија, попладнево ќе го отвори Форумот во присуство на Армен Григорјан, постојаниот претставник на Програмата за развој на Обединетите нации, вицепремиерот, министрите и градоначалниците од трите земји на крајбрежјето на Преспанското Езеро: Ресен (Северна Македонија), Лаимос (Грција) и Пустец (Албанија).

На Форумот за развој на Преспа гостите од овие три држави ќе ги презентираат своите искуства во делот на унапредувањето на екосистемот на езерото. Ќе се зборува и за можноста за здружување на сите потенцијали од Македонија, Албанија и Грција за заеднички настап на туристичките берзи каде што Преспа ќе биде понудена како единствена дестинација која нуди посета на едно езеро и три држави.

Како што пренесува МИА, на промотивните настани кои ќе се одржат во Преспа викендов ќе присуствуваат и градоначалникот на Ресен Јован Тозиевски, првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити, министерот за европски прашања Орхан Муртезани и министерот за земјоделство Цветан Трипуновски.

По обраќањата, најавено е дека ќе се посети семејниот овоштарник „Духот на Преспа“ во Царев Двор за да се прикажат потенцијалот, предизвиците и решенијата за агротуризмот во Преспанскиот регион, а дел од посетата ќе биде и граничниот премин „Маркова нова“ помеѓу Долно Дупени од македонска страна и Лаимос во Грција.

Вечерва пак во Брајчино со музичка програма на која ќе настапат Марија Каева, Виолета Качакова, Александар Гавровски и Добрила и Дориан Дуо, ќе започне уште едно фестивалско издание на „MEET PRESPA“, фестивал кој настана од иницијативата да ги поврзе луѓето од сите три страни на езерото. Првата музичка вечер во Брајчино е посветена на Мирко Попов кој минатата година беше иницијатор на оваа сесија.

Утре на плажата Долно Дупени од 18 до 04 часот ќе се одржи Dupeni Beach Stage на кој ќе настапат Street Outdoors, Antoin, Andrej Micajkov, Berryqyat, Bobax Bole, Gox, Dejan Dex, Ermilova, Katerinha, Herzel, Emily, Labava varijanta, Nastasya Kish, T Zobe.

Во недела на 14 јули, од 12.00 часот, посетителите ќе уживаат во Street food festivalot во Брајчино.

Организаторите најавуваат добрата локална храна и вкусовите кои не се забораваат. Една гастрономска авантура која ќе се памети.

Запознај ја Преспа е фестивал што се оджува неколку години по ред и е кофинансиран од ЕУ. Мотото на фестивалот е „Запознај го триаголникот на овој дел од светот преку музика, гастрономија и животот на локалното население обединето заедно за европска перспектива на регионот“.

И токму тоа е шансата за Преспа. Европската перспектива преку европските фоднови, преку промоција на Зелената агенда за Западен Балкан во прекуграничната област на Преспанското Езеро во согласност со политиките на ЕУ дека „нема оставени луѓе и региони“.

Проектот „ЕУ за Преспа“, со својот целосен назив „Враќање на природните ресурси и зајакнување на одржливото земјоделство и туризам“, започнува со својата практична реализација две години откако во 2022 година министрите за животна средина на Северна Македонија, Грција и Албанија, одржаа состанок со кој се договорија да започне реализацијата на иницијативата којашто започна уште во 2010 година кога со Европската Унија беше поптишан Договорот за заштита и одржлив развој на подрачјето на Паркот Преспа.

Вредноста на проектот е од 21,5 милиони евра, од кои 18 милиони евра, односно 84 отсто се обезбедени од Европската Унија а се наменети за одржување и развој на богатото природно богатство и цивилизациски значајното култруно наследство. Од овој европски фонд кој го финасира и одржувањето на Форумот за развој на Преспа, ќе бидат изделени средства за проекти за поддршка и развој на руралниот туризам и земјоделието.

Цели на програмата се и поддршка на локалните земјоделци и туристички провајдери за ‘зазеленување’ на нивните бизниси и создавање зелени работни места, инвестиции за намалување на загадувањето во Преспанскио регион и подобрување на прекуграничната мобилност, како и поддршка за локални невладини организации, паркови и институции за заштита и валоризација на природното и културното наследство и консолидација на прекуграничниот парк Преспа.

Преспанскиот регион веќе е корисник на програмата „ЕУ4Преспа“ преку четири грантови доделени на локални граѓански организации и два договора за придонес потпишани со УНДП.

Дополнително,  7,7 милиони евра финансиски средства од ЕУ во рамките на програмата за прекугранична соработка меѓу Грција и Северна Македонија се на располагање за повторно отворање на граничниот премин „Маркова нога“.

Викендов Преспа има уште една шанса да блесне. Да ја покаже сета своја убавина и потенцијал и да покаже дека се уште ги чека промените и не треба да биде заборавена. Ја чека европската иднина.

Фото: Мирче Котевски

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни