Макроновото „for sure“, изговорено со француски акцент и авијаторки на лице, за неколку денови се претвори во глобално меме на 2026 година. Краткото видео од неговиот говор на Светскиот економски форум во Давос, каде изговара „sometimes it’s too slow, for sure, and it has to be reformed, for sure“, со привлечен француски акцент, можеби не поттикна длабоки економски анализи, но стана совршен материјал за ремикси, мемиња и TikTok трендови.
Макрон се пресели – од политичката говорница во миксерите на диџеите
Комбинацијата е предобра за интернетот да ја игнорира. Светски лидер на сцена, темни очила во „Top Gun“ стил, англиски со препознатлив француски акцент и фраза што се повторува со ритам на рефрен. Наместо порака за реформи и глобална економија, публиката онлајн го слуша како потенцијален клубски хит.
Видеото за кратко време се рашири на X, Instagram и TikTok, каде луѓето го користат „for sure“ како реакциски звук за секојдневни фрустрации: од задоцнета плата и густа сообраќајна гужва, до објаснување зошто дипломската повторно е „во подготовка“. Монтажи со студенти, канцелариски сцени, па дури и клипови со кучиња и мачиња на кои во позадина оди Макроновото „for sure“, го претворија претседателот во неочекуван аудио‑семпл за модерниот стрес.
Иронијата е што очилата, кои во мемовите изгледаат како свесен стилски избор, всушност кријат повредено око. Но, во мем‑вселената тоа само ја зголемува аурата на „претседател‑инфлуенсер“. Во свет полн со кризи, форуми, самити и тешки теми, токму овие 11 секунди со Макрон и неговото „for sure“ се тие што најверојатно ќе останат запаметени – и пуштани на рипит.

