Фон дер Лајен: Нови шест милијарди евра поддршка кон Украина

Сега е моментот да излеземе со нов импулс, да ги разоткриеме циничните обиди на Путин да купи време и да го доведеме на преговарачка маса, рече Фон дер Лајен

Во обраќањето пред европратениците во дебатата за резултатите од октомврискиот Самит на ЕУ претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен изјави дека шест милијарди евра ќе бидат уплатени кон Украина, за како што кажа обезбедување на траен мир и силна и независна Украина.

Фон дер Лајен изјави дека рускиот претседател Владимир Путин „погрешно се пресметал“ ако се уште верува дека може да надвладее и ако мисли дека со текот на времето Русија може да ги постигне своите цели на бојното поле во Украина.

– Сега е моментот да излеземе со нов импулс, да ги разоткриеме циничните обиди на Путин да купи време и да го доведеме на преговарачка маса. Мора да продолжиме да ги зголемуваме трошоците за војната за Русија, кога лузните на руската економија токму сега стануваат се повидливи, рече Фон дер Лајен.

Таа ги поздрави и заложбата на европските лидери за покривање на финансиските потреби на Украина за следните две години со користење на замрзнатите руски средства, за што засега резерви изразува белгиската Влада.

– Тесно соработуваме со Белгија и со сите земји членки за можните опции за исполнување на оваа обврска. Опција 1 е да се искористи просторот во Буџетот за обезбедување пари на пазарите на капитал. Опција 2 е да се има меѓувладин договор и земјите членки сами да го обезбедат потребниот капитал. Опција 3 е да се има „Заем за репарација“ врз основа на замрзнатите руски средства, рече Фон дер Лајен.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни