Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен денеска на дебата во Европарламентот посветена на ставот на ЕУ за предложениот мировен план за Украина и за ангажманот на Унијата за постигнување праведен и траен мир порача дека Украина се бори за нејзината безбедност, слобода и независност и Европа ќе биде покрај неа и ќе ја поддржува на секој чекор од патот кон праведен и траен мир.
– Руската стратегија не се промени. Од самиот почеток, Русија верува дека може да ги совлада Украина, Европа и сите нејзини сојузници и затоа секогаш кога има сериозен напредок во преговорите што можат да донесат вистински мир, насилството ескалира, рече Фон дер Лајен, нагласувајќи дека Европа мора да продолжи со притисокот врз Русија сè додека не се постигне праведен и траен мир.
Според неа, Русија со секој мировен договор сака трајно прекројување на границите, додека за Украина и за Европа целта е создавање услови за праведен и траен мир, што ќе го запие сегашниот конфликт и нема да „сее семе“ за нови идни конфликти.
– Станува збор за обезбедување силна и одржлива безбедносна архитектура за нашиот континент, поткрепена од силна Европа, силно НАТО и силно трансатлантско партнерство. Тоа е она што ќе го браниме заедно со Украина и нашите сојузници на секој чекор, истакна Фон дер Лајен.
Затоа, според неа, ЕУ ги поддржува сите напори, особено оние на американскиот претседател Доналд Трамп, за доаѓање до мир што ќе го запре убивањето, ќе избегне поставување опасен преседан, ќе ја гарантира безбедноста на Украина и нејзините суверени права на долг рок и што ќе обезбеди робустна безбедносна архитектура за Европа.
Фон дер Лајен потенцира дека прв приоритет на мировниот договор треба да биде постигнување праведен и траен мир и осигурување вистинска безбедност за Украина и за Европа, за што се потребни робусни, долгорочни и веродостојни безбедносни гаранции како дел од поширок пакет за одвраќање од какви било идни руски напади.
