Пловидба низ женските светови: Уметноста како сведоштво за отпорноста и преобразбата

Уметницата Александра Ацеска ги отвора вратите кон личното и колективното женско искуство преку мултимедијална изложба инспирирана од приказни за издржливост, болка и преобразба, раскажани преку традиционални и современи визуелни јазици.

Трн: „Flow“ значи „пловидба“, тек, движење – како овој наслов го поврзуваш со приказните на жените што те инспирираа, но и со твоето лично творечко и животно патување?

Александра: Насловот на изложбата може да се интерпретира на повеќе начини а и самите дела изложени на изложбата, иако имаат наслови (групирани, не секое дело посебно), сепак оставам простор да бидат интерпретирани и индивидуално. FLOW потсетува на повеќе работи кои се поврзани со женската природа. Не сепак, пловидба и испливување по период на ‘‘‘поплави‘‘ е главното нешто на кое насочувам и е баш она што ме инспирира во нивните примери.

Од аспект на моето лично творештво,  овој период следи после период во кој се чувствував како да нуркам во длабочини, всушност, ова е “одговор“ после долг период на трагање на нешто длабоко во себе и во својот живот.

Трн: Во изложбата се претставуваш со повеќе медиуми – од дигитални графики до уметничкакнига. Како одлучуваш преку кој медиум ќе проговори секоја приказна?

Александра: Медиумите кои ги користам се комбинација на  суминагаши ( стара Јапонска техника  “ink floating“ или печатење на вода, кое е форма на декорирање на хартија од 12, со траги од 8 век во Јапонија) и понови, дигитално цртање и фотоманипулација. Комбинацијата на двете ги прави моите централни дела ( сериите “Bodies” и ”After completion”). Медиумите доаѓаа природно, во процесот на истражување за книгата.  

Самата книга е инспирирана од старите книги во Азија кои се во форма на свиток. Додека начинот на кој се напишани приказните во книгата е решение до кое самата дојдов преку истражување. Бидејќи сакав да го оптимизирам дизајнот, на задната страна на книгата вклучив апстракно дело кое може да биде урамено на ѕид, хоризонтално или вертикално, а а дури и да не биде отворена, книгата е во форма на цилиндар кој сам по себе добро изгледа. 

Трн: Книгата што ја изложуваш е инспирирана од длабока лична конекција со четири жени. Дали нивните приказни на некој начин го промениле твојот поглед кон сопствената женственост и идентитет?

Александра: Жените чии приказни се вклучени во книгата се мои многу драги пријателки. Ги запознав во минативе три – четири години. Тие се од различни генерации, различни држави и со различни животи. Но во средината на нашите приказни е отпорноста и издржливоста на женската природа која е карактеристика на секоја жена за која што пишував. Нашето расположение кон животот е она што не поврзува додека разликите се потсетување за мене дека животот е покомплексен од една шема или еден калап кој е предодреден да биде норма.

Трн: Дали културниот контекст на Истокот ти донесе нови пристапи во креативниот процес?

Александра: Моето искусво како уметница во Кина е навистина позитивно. Не велам дека сум немала кочници и блокади, всушност за време на пандемијата беше многу тешко да се изложува и да се организираат било какви настани, па јас имав три години судир со цензури и одкажани изложби. Но тоа некако го разбуди мојот македноски инает, не само да не се откажам, туку и да застанам посилно зад своите ставови.

Од визуелен аспект, имам напоменато претходно дека од секогаш сум имала симпатија кон источната естетика и филозофија, па мојот живот во Кина само го продлабочи мојот интерес кон источниот пристап кон уметноста, и јас се чувствувам дека мојот креативен процес е само подобрен  и полесен од претходно. Нештата кои инспирираат во Кина се многубројни, само треба да знаеме во која насока да го насочиме нашето внимание.

Трн: Изложбата вклучува и интеракција со публиката преку разговор по отварањето. Колку ти е важно уметноста да се отвори за дијалог, наместо само визуелно да комуницира?

Александра: За да го одговорам ова прашање пред се мора да се потсетиме дека визуелната уметност е само уште еден начин на комуникација (ликовен јазик) преку кој авторот создава дело кое носи некаква порака до оној кој го гледа. Во свет во кој има толку прекрасни нови форми на изразување, кои се многу често апстрактни, мислам дека е од голема потреба да се разговара за уметноста. Не дека делата не комуницираат сами за себе, туку дека преку разговор  и даваме шанса на повеќебројна публика да се приклучи во разговорот. Нема ништо лошо во тоа да се дискутира за делата, не за да се објаснат, туку да се продлабочат. Впрочем многу од љубителите на визуелни уметности немаат време да ја читаат целата теорија и историја на уметноста за да можат да разберат едно дело (делата денес отвараат или затвораат дијалози не само со публиката туку и со минатото и разбирање на концептот е врзано со контекстот во кој делото е создадено ).

Мојата теорија е дека токму затоа на многумина им е полесно да се повикаат на старото добро “тој/таа е неразбран/а уметник/ца“, бидејќи никој не сака да се чувствува како нивната интелектуална позадина да не е доволно добра за целосно да ја разбере теоријата зад едно дело. Мислам дека ова доаѓа и од мојата професија во која секојдневно пробувам да ги приближам младите до комплесниот свет на визуелното изразување.

Со овој пристап, мислам дека ќе се рашири интересот кон визуелните уметности и во круговите надвор од оние на уметниците.

Трн: Често велиш дека учиш да „не форсираш“ и да следиш каде те води животниот тек. Колку оваа филозофија се отсликува во твоето творештво – дали уметноста понекогаш сама го диктира правецот?

Александра: Животот на оној кој креира дело и делото, се испреплетени и поврзани и едното не може да биде изолирано од другото. Моето“не форсирање“ потекнува од искуство кое покажува дека ако нешто не функционира, не го правиме правилно и дека треба да имаме скромноста и флексибилноста потребни за да ги слушнеме и видиме знаците кои ни укажуваат како да го промениме нашиот пристап кон одреден проблем.

Бидејќи создавањето уметност е процес, се случува често самиот процес да ја промени насоката на истражување, како што и настаните во нашиот живот го прават истото. Во овој контекст, да не се форсира значи да се остави простор работите да се развиваат органски и природно а не како што ние сме замислиле дека треба да се развијат.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни