На 25 април, 2025 година, во салата на Филхармонија, со почеток од 20 часот, Националниот џез оркестар ќе одржи концерт на кој како свои гости ќе ги има исклучителните француски уметници 𝗣𝗶𝗲𝗿𝗿𝗲 𝗠𝗶𝗹𝗹𝗲𝘁 (труба) и 𝗕𝗲𝘁𝘁𝘆 𝗝𝗮𝗿𝗱𝗶𝗻 (вокал).
Диригент на концертот ќе биде маестро Dzijan Emin.
Роден во средината на 1970-тите, 𝗣𝗶𝗲𝗿𝗿𝗲 𝗠𝗶𝗹𝗹𝗲𝘁 се етаблира како инспиративен инструменталист и композитор кој покрај џез музиката соработува со бројни уметници од областа на рок музиката, како и од други жанрови, од циркуска музика до шансони. Во својата кариера има настапувано со различни музички ансамбли, почнувајќи од биг-бендот на неговиот татко Jean-François Millet, потоа AB Sextet, Les Elles, и во поново време Surnatural Orchestra, покрај пијанистот Faraj Suleiman.
Тој е лидер, ко-лидер и композитор во неколку ансамбли меѓу кои триото Ana Kap, дувачкиот оркестар Chromatic Museum, квартетот Blast, и квинтетите Renza Bô и Décor-um.
𝗕𝗲𝘁𝘁𝘆 𝗝𝗮𝗿𝗱𝗶𝗻 е француска пејачка која живее во Нормандија и во својата кариера често соработува со Pierre Millet. Има студирано џез теорија на Конзерваториумот во Каен, а изучувала и индиска музика во Јужна Индија, каде престојувала повеќе од една деценија. Дел е од биг-бендот Jazz à Montpellier, како и составите Ana Kap и Breath & Breath. Betty e карактеристична по својот уникатен вокален стил и способноста да комбинира различни музички жанрови. Критиката за неа ќе забележи дека е препознатлива по „интеракцијата меѓу џезот и индиската музика кои ѝ даваат препознатлив вокален сензибилитет и уникатност“.
На концертот со Националниот џез оркестар ќе имате можност да уживате во биг-бенд аранжманите на композициите и стиховите на 𝗣𝗶𝗲𝗿𝗿𝗲 𝗠𝗶𝗹𝗹𝗲𝘁 и 𝗕𝗲𝘁𝘁𝘆 𝗝𝗮𝗿𝗱𝗶𝗻 кои истражуваат различни емотивни пејзажи и човечки врски изразени преку музика и поезија, како и широк спектар на чувства, од носталгија и ескапизам до надеж, издржливост и интроспекција.
Преку поетските текстови и музичките композиции, овие двајца уметници ја истражуваат убавината на сонот, текот на времето, невиноста на детството и борбата со себичноста и стравот. Секое нивно дело рефлектира длабока врска со културните, личните и универзалните моменти, спојувајќи ја имагинацијата со искрените рефлексии, притоа славејќи ја во целост човечката природа, со сета нејзина убавина и противречности.