Финскиот виртуоз Кимо Похјонен, своевиден револуционер на хармониката кој поради специфичниот стил на свирење е исклучителен во глобални рамки, ја отвора втората вечер на ОФФест што ќе се одржи во Националната опера и балет. По него ќе настапи португалската пејачка Марија Жоао која неодамна, со нов албум, ја прослави 40-годишната кариера.
Похјонен е еден од ретките артисти кои создале нов и независен жанр ако се земат предвид неговите уникатни проекти и композиции. Со децении редовно настапува по светот и бил на програмата на фестивали и клубови со фокус на различни музички правци. Низ долгата и плодна кариера се впуштил во проекти кои можат да се дефинираат како рок, фолк, авангарда, импровизација и класична музика, но тука се и театарските и танцови перформанси. Оригиналните и екстремни композиции, аудио деталите и анимираниот настап на сцена се главните причини зошто Похјонен е на светската мапа. Развојот на кариерата и вкусовите на Кимо Похјонен е невообичаен како и самата негова музика. Со хармониката се запознава на негови осум години во семејната танцова група и зрее свирејќи финска народна музика. Интересот подоцна се сели кон кејџун музиката од Луизијана и хармоникашките стилови од Тексас. Во еден период живее и во Буенос Аирес, за да го совлада и танго нуево стилот и музиката на Астор Пјацола. Кимо Похјонен е и магистер по музика со диплома од престижната хелсиншка Сибелиус Академија, каде често и предава.
Похјонен вечер настапува со аудио инженерот Сами Тамела.
По нив, од 22 часот, е Марија Жоао позната како „глобално признаено живо богатство“. Нејзиното име е неизбришливо од историјата на португалскиот џез. Пред повеќе од 40 години, во 1983-та, со нејзиниот настап во Orfeu и истоимениот албум, Марија Жоао тргна на своето уникатно патешествие. Нејзиниот опус е манифестација на слободата која ја нурна во најдлабоките акустични традиции, а со еднаква леснотија ја вивна и во електрониката. Иднината секогаш е најдоброто место, верува пејачката која со декади градеше различни успешни партнерства, од Марио Лагиња до Карлос Бика, Аки Такасе, Андре Мехмари, Колективот Огре, Егберто Гисмонти, Џо Завинул, Трилок Гурту… Жоао неодамна го издаде албумот „Abundância” (2025), снимен во Лисабон и во Мозамбик со кој одбележа четири децении кариера. „Abundância” е плоча за нејзиното враќање кон корените. На сесиите во Мозамбик учествуваат локални музичари и чудесен хор кои оставаат печат на изданието продуцирано од мајсторот на електроника, Луиш Фернандеш. Секогаш отворената приказна на Марија Жоао повторно нуди нова визија која во една песна може да премине од џез во електроника и да го адаптира гласот на нотите на инструментите. Со „Abundância“ Жоао уште еднаш ги премина музичките мостови меѓу минатото и сегашноста, џезот и „музиката на светот“, ритмите и мелодиите. После Лисабон, ОФФест е првата европска концертна премиера на новиот проект.
Жоао вечерва настапува со João Farinha клавијатури и електроника, Hortensio Langa тапани, Mariana Ramos придружен вокал, Inês Aalmeida придружен вокал и Mariana Brissos придружен вокал.
Утре публиката ќе ужива во африканска вечер, со Vieux Farka Touré од Мали и Флоренс Адони од Гана.