Финскиот претседател Александер Стуб соопшти дека утрово разговарал телефонски со украинскиот претседател Володимир Зеленски и со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте. На разговорите присуствувал и финскиот министер за одбрана Анти Хеканен.
Според Стуб, Зеленски изнел детален преглед на најновата ситуација на фронтот, каде што интензивните руски напади и украинските контра удари продолжуваат да го менуваат распоредот на силите. „Иднината на Украина е на Украинците да ја одлучат, а европската безбедност е на Европа да ја одлучи“, напиша Стуб.
Тој истакна дека соработката меѓу Украина и САД продолжува и дека „следните денови се пресудни за напорите да се постигне праведен и траен мир“.
Изјавата доаѓа во момент на засилена дипломатија околу американскиот мировен план. Минатата недела во Женева се одржаа затворени разговори меѓу американската и украинската делегација, по што почетниот, контроверзен документ од 28 точки беше преработен во верзија од 19 точки, поповолна за Киев. Како што беше најавено, конечните одредби ќе ги договорат претседателите лично.
Во тек се и нови преговори во Абу Даби, каде американски претставници разговараат и со руската и со украинската страна за можен рамковен договор што би го одбележал почетокот на крајот на војната.
