Финска: Нема да распоредуваме нуклеарно оружје во време на мир, порача претседателот Стуб

Финска нема намера да распоредува нуклеарно оружје во мирнодопски услови, изјави претседателот Александер Стуб. Москва предупредува дека таков потег би ја зголемил тензијата во Европа.

Членката на НАТО, Финска, нема намера да распоредува нуклеарно оружје на своја територија во мирнодопски услови, изјави финскиот претседател Александер Стуб, усогласувајќи се со политиките на другите нордиски земји.

Тој ова го изјави откако финската влада минатата недела ги откри плановите за укинување на долгогодишната забрана за нуклеарно оружје на територијата на земјата, што предизвика критики од Русија, но и од дел од финската опозиција.

„На Финска не ѝ е потребно нуклеарно оружје во време на мир. Ова е прашање на нуклеарно одвраќање – механизам кој треба да обезбеди таквото оружје никогаш да не мора да се употреби“, изјави Стуб пред новинарите во Хелсинки.

Кремљ предупреди на можен одговор

Кремљ минатата недела порача дека Русија ќе одговори доколку Финска распореди нуклеарно оружје на својата територија, оценувајќи дека таков потег би ја направил нордиската земја поранлива.

„Ова е изјава која води кон ескалација на тензиите на европскиот континент“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

Во меѓувреме, опозициската Социјалдемократска партија, која води во анкетите пред парламентарните избори следната година, смета дека Финска треба јасно да порача дека не сака нуклеарно оружје на своја територија додека владее мир.

Закон од 1987 година

Финска има долга традиција на широк политички консензус меѓу партиите кога станува збор за големи законски промени поврзани со националната безбедност.

Владата објасни дека измените во нуклеарниот закон се неопходни за целосно да се искористат можностите на системот за одвраќање и одбрана на НАТО, како и за усогласување со политиките на соседните нордиски држави.

Финскиот Закон за нуклеарна енергија, донесен во 1987 година, забранува увоз, производство, поседување и детонација на нуклеарни експлозиви на територијата на земјата. Дел од финската јавност смета дека оваа одредба, во случај на војна, би ѝ одела во прилог само на Русија.

Иако Финска одржуваше политика на неутралност за време на Студената војна, земјата во 2023 година се приклучи на НАТО како одговор на руската инвазија врз Украина

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни