Светски ден на филозофијата: Зошто ни е потребна повеќе од било кога

Во време на криза на вредности, дезинформации и еродирани институции – филозофијата останува единствениот компас што нè учи да мислиме, да разликуваме и да бараме смисла.

Филозофијата не е само академска дисциплина – таа е алатка за живеење и трагање по смислата на животот. Уште од Платон и Аристотел, филозофијата го обликува разбирањето на човекот за заедницата, за доброто, за праведноста. Кога денес општеството зборува за политичката култура, демократијата, човековите права или се почестите општествените кризи, всушност зборува на јазикот што филозофите го создадоа.

Платон: државата како огледало на вредностите

Во „Државата“, Платон го поставува едно од најважните прашања: каков мора да биде човекот за да биде добра државата? За него, политичката заедница пропаѓа тогаш кога индивидуата го губи чувството за вредност, за доблест и за самоконтрола. Државата паѓа тогаш кога граѓаните престануваат да мислат, а почнуваат да веруваат во сенките на ѕидот – во лажните наративи, лажните лидери, илузиите што им одговараат на најгласните, а не на најразумните.

Колку е ова актуелно денес? Во свет на дезинформации, брзи судови, алгоритми и хибридни влијанија, живееме во модерната Платонова пештера. Ако филозофијата исчезне од образованието, кој ќе нè научи да ги разликуваме сенките од вистината?

Аристотел: човекот како политичко суштество

Аристотел веруваше дека човекот може да ја оствари својата природа само во заедница. Но оваа заедница мора да се темели на етика — на вредности, на умереност, на расудување, на целисходност.

Тој предупредуваше дека државата пропаѓа кога граѓаните ја губат способноста за дијалог, а политиката станува борба за моќ наместо простор за општо добро.

Нашето време, поларизирано до крајност од брзите судири на „таборите“, намалената толеранција и кревката јавна сфера, многу личи на тоа што го опишува Аристотел: заедница што ја губи способноста да разговара за суштинските прашања. А филозофијата — особено во контекст на етиката, логиката и политичките теории — е единствениот предмет кој младите ги учи токму на ова: да размислуваат како граѓани, не само како индивидуи.

Општеството без филозофија: ризик што веќе го видовме

Фактот дека филозофијата, логиката и етиката беа планирани да се тргнат од задолжителното средно образование е алармантен. Тоа не би било само образовен пропуст, туку културолошка катастрофа. Без филозофија, младите остануваат без алатка за препознавање на манипулации, политички спинови, општествени неправди и морални дилеми.

Особено ако говориме за Сократовиот пристап – оној што преку непрекинато поставување прашања нè поттикнува сами да стигнеме до суштината. Сократ одамна покажа дека вистината не лежи во готови догми, туку во процесот на мислење, во храброста да преиспитуваме.

А вистината, онаа непријатната што Сократ би нè натерал да ја погледнеме в очи, е дека без овие предмети навистина ризикуваме да потонеме во општество без јасни вредности. Во средина во која неморалот станува секојдневие, а критичкото размислување се доживува како закана. Свет во кој – како што би доблежал и Диоген – би можеле слободно да го изгаснеме фенерот со кој го бараше „човекот“, и горко да признаеме дека го нема.

Филозофијата нè учи токму на спротивното: да гледаме под површината, да прашуваме, да се сомневаме, но и да слушаме. Да водиме дијалог, да го разбереме другиот и да го препознаеме она што нè прави заедница. Во време на растечка поларизација, забрзана технологија и кревки културни идентитети, филозофијата ја носи можноста да ни ја врати мерката, одговорноста и човечноста – токму она што ни е најпотребно денес. Не смееме да го поткопаме уште повеќе веќе чувствителниот образовен програм, одземајќи му ја самата неговата основа.

Филозофијата, уметноста и културата: три столба на критичкото размислување

Филозофијата не живее само во книгите – таа живее во филмот, во театарот, во уметничките практики.

Секоја голема театарска претстава е филозофски текст; секој квалитетен филм е лекција за морал, за одговорност, за човечност. Уметноста размислува таму каде политиката молчи. Она што логиката го поставува како принцип, уметноста го покажува како емоција.

Во време кога општествените проблеми се замачкани, неизговорени, скриени зад брзите наративи на социјалните мрежи – филозофијата и уметноста остануваат последните простори каде вистината може да се каже, да се дискутира и да се разбере.

Без филозофија – нема граѓани, има само публика

Затоа филозофијата мора да остане во училиштата. Таа не создава „елитисти“, туку граѓани.

Граѓани кои разбираат, а не само веруваат.
Граѓани кои поставуваат прашања, а не само споделуваат мислења.
Граѓани кои знаат дека доброто општество е дело на мисла, не на случајност.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни