Филмот „Мајка“ распродаден во кината во Европа пред својата светска премиера во Венеција

„Мајка“ не претставува биографија, туку длабока човечка и духовна драма, инспирирана од внатрешната борба на младата Тереза

Филмот „Мајка“ на Теона Стругар Митевска, кој ќе ја отвори престижната селекција „Хоризонти“ на годинешниот 81. Венецијански филмски фестивал, веќе е распродаден за кино -дистрибуција во над 15 европски земји, вклучувајќи ги Франција, Германија, Италија, Шпанија, Данска, Шведска, Норвешка, Полска, Чешка, Финска, Белгија и други.

Филмот ќе започне да се прикажува во европските кина од 3 декември, што претставува редок и исклучителен успех за една македонска продукција – да обезбеди кино прикажување пред светската премиера.

„Овој извонреден интерес за ‘Мајка’ е доказ дека филмот има потенцијал да стане еден од најистакнатите европски филмови оваа година,“ – велат од француската агенција Kinology, која е задолжена за светска продажба и дистрибуција.

На денешната прес-конференција, по повод претставувањето на филмот „Мајка“ на претстојниот Венецијански филмски фестивал, присуствуваше и министерот за култура и туризам, г. Зоран Љутков, кој изрази задоволство од меѓународниот успех на проектот и силната позиција што македонската кинематографија ја зазема на светската сцена.

Филмот ќе ја има својата светска премиера на 28 август 2025 година, во Венеција, отворајќи го првиот натпреварувачки ден во селекцијата „Хоризонти“, која е посветена на иновативни естетски и наративни филмски форми. Тој ден во Венеција ќе се прикажат само два филма: „La Grazia“, напишан и режиран од оскаровецот Паоло Сорентино, и македонскиот „МАЈКА“ на Теона Стругар Митевска.

Порака од екипата на филмот „Мајка“

„Мајка“ не претставува биографија, туку длабока човечка и духовна драма, инспирирана од внатрешната борба на младата Тереза пред да зачекори во својата мисија. Филмот се фокусира на клучните седум дена во кои се кршат убедувањата, верата и визијата за иднината.

„Ова е можната приказна за жената зад митот. Во миг кога светот очекува светлина од неа, Тереза мора да се соочи со сопствените сенки. Ова е мојот најкомплексен филм досега. Работејќи го овој филм, си ја зедов целата слобода на израз и, во индустрија сè уште доминирана од мажи, си дозволив да понудам женска логика и светоглед на животот и фигурата на Мајка Тереза. Развојот на карактерите и нивната повеќеслојност, испреплетеноста на нивните животни приказни и преобликувачките историски настани, и пред сè емотивната длабочина по која посегнавме во сценариото, а која ја достигнавме со виртуозното актерство, ме прават многу среќна уметница. Ова е приказна за жената зад митот, една друга страна на една светица. Во седумте дена пред да ја започне својата мисија на чело на новоформираниот женски католички ред, оваа жена одненадеж треба да се соочи со непредвидени и суштински предизвици што ќе ја поколебаат нејзината најдлабока верба. Родена скопјанка, ова албанско девојче од Македонија тргнува со чисто срце, неисцрпна енергија и желба да го менува светот на подобро преку службата на Бога. Токму пред да зачекори надвор од манастирските ѕидови, ѝ се расплеткува човечка драма што ќе ја преврти наопаку целата нејзина верба и убеденост во редот на нештата,“ – вели режисерката Теона Стругар Митевска.

„‘МАЈКА’ го прикажува моментот кога верата се судрува со човечката болка и неизвесност. Верував дека ваков филм мора да се напише искрено, со почит кон фактите, но пред сè со почит кон суштината на духовното искушение,“ – додава Гоце Смилевски, ко-сценарист на филмот.

Главната улога ја толкува шведската ѕвезда Номи Рапас, светски позната по улогата во „Девојката со тетоважа на змеј“, заедно со Никола Ристановски во улогата на отец Фредерик и Силвија Фокс како сестра Агнешка. Режисерката Теона Стругар Митевска истакна дека токму нивната хемија и доверба на сетот биле клучни за автентичноста и интензитетот на филмот. Европските дистрибутери веќе ја препознаваат нивната изведба како еден од најсилните адути на филмот.

Филмот е копродукција меѓу Македонија, Белгија, Шведска, Индија, Данска и Босна и Херцеговина, снимен на три континенти, со поддршка од Агенцијата за филм на Северна Македонија, Creative Europe – MEDIA, Данскиот филмски институт, Belgium Tax Shelter, Шведскиот филмски институт, регионални фондови и други партнери.

„Особено сум горда што со овој филм покажуваме дека Македонија има капацитет да создава висококвалитетни европски и светски филмски проекти. ‘МАЈКА’ се снимаше на три континенти, во продукциски услови што бараат највисоко ниво на професионализам и визија,“ – истакнува продуцентката Лабина Митевска.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни