Филип Иванов, 48- то издание на “Денови на македонска музика“ е дијалог меѓу генерациите во македонската музика

Ова издание има посебно значење бидејќи се одбележуваат три значајни јубилеи: 100 години од раѓањето на Властимир Николовски, 100 години од раѓањето на Кирил Македонски и 120 години од раѓањето на Стефан Гајдов. Со ова, фестивалот оддава почит кон македонските музички великани и нивниот придонес во обликувањето на националниот музички идентитет.

Во организација на Сојузот на композиторите на Македонија – СОКОМ, од 17 март до 3 април годинава во Филхармонијата, во Музејот на македонската борба за самостојност и во Националната опера и балет ќе се одржи 48. издание на фестивалот „Денови на македонска музика“. Во единаесет концертни вечери ќе бидат претставени дела од над 30 македонски автори. Ќе настапат осум ансамбли и над 30 солисти, а во рамките на фестивалот ќе бидат одбележани и три значајни јубилеи на истакнати македонски композитори – Властимир Николовски (100 години од раѓањето), Стефан Гајдов (120 години од раѓањето) и Кирил Македонски (100 години од раѓањето), кои имаат клучна улога во формирањето на современиот македонски музички израз. Манифестацијата ќе биде oтворена на 17 март со изложбата на акварели „Мапирање на спокојот“ од македонската композиторка и професорка Јана Андреевска. За 48 тото издание на „Денови на македонска музика“ разговаравме со Филип Иванов, годинешниот селектор.

Трн: Koлку е важна манифестацијата „Денови на македонска музика“за промоцијата на македонската музика?


Филип: Манифестацијата „Денови на македонска музика“има исклучителна улога во промоцијата и афирмацијата на македонската музичка култура. Како најстар фестивал посветен на современата македонска музика, тој не е само платформа за изведба, туку и чувар на музичката традиција и иновација.

Фестивалот овозможува изведби на македонското музичко творештво, негувајќи и промовирајќи автентични музички вредности. Тој сведочи за континуитетот на нашата музичка мисла, ги поврзува генерациите композитори и уметници и создава простор за нови творечки изрази. Преку него, македонската музика не само што се промовира, туку и живее, се развива и остава траен белег во културниот идентитет на нацијата.

Трн: Што беше најважно кога ја правевте селекцијата на делата и програмата на годинешното издание?

Филип: Најважно при селекцијата на делата и програмата за годинешното издание беше да се обезбеди подеднаква застапеност на македонските композитори од сите генерации – од првите творци на современата македонска музика до најновите автори. На овој начин, фестивалот ја прикажува континуираната еволуција на македонското музичко творештво и го одржува жив музичкиот дијалог меѓу различните генерации.

Дополнително, ова издание има посебно значење бидејќи се одбележуваат три значајни јубилеи: 100 години од раѓањето на Властимир Николовски, 100 години од раѓањето на Кирил Македонски и 120 години од раѓањето на Стефан Гајдов. Со ова, фестивалот оддава почит кон македонските музички великани и нивниот придонес во обликувањето на националниот музички идентитет.

Трн: Како го правите балансот меѓу традицијата и современоста во програмата?

Балансот меѓу традицијата и современоста во програмата се постигнува преку внимателен избор на дела што ја рефлектираат длабоката врска меѓу минатото, сегашноста и иднината на македонската музика.

Од една страна, традицијата се одржува преку вклучување на дела од истакнати македонски композитори кои го поставиле темелот на нашата современа музичка сцена. Нивните композиции носат силен историски и културен белег, кој сведочи за корените и континуитетот на македонската музичка мисла. Од друга страна, современоста се изразува преку новите композиции што ги носат свежите гласови на денешните автори. Овие дела се одраз на модерните тенденции, експериментите со звукот и нови можности за изразување во музиката.

Фестивалот „Денови на македонска музика “го остварува овој баланс преку дијалог меѓу генерациите – новите композиции се надоврзуваат на традицијата, но ја преиспитуваат и развиваат на нови начини. На овој начин, програмата не само што ја зачувува музичката историја, туку и создава простор за нејзина еволуција и нови перспективи.

Трн:  Каква е соработката помеѓу композиторите и изведувачите на настанот? Како се развива комуникацијата и креативноста помеѓу нив?
Филип:
Соработката меѓу композиторите и изведувачите е одлична, како и во минатото. Тие меѓусебно се надополнуваат – композиторите ги споделуваат своите замисли за звукот и концептот на делото, додека изведувачите внесуваат своја интерпретативна визија. Оваа динамика создава плодна креативна комуникација, каде што секој придонесува кон конечниот уметнички израз.

Трн: Одавате почит на тројца реномирани македонски композитори. Колкаво е нивното значење за македонската музика и култура генерално?

Филип: Властимир Николовски, Кирил Македонски и Стефан Гајдов се меѓу најзначајните македонски композитори, чија работа постави темели во различни музички сфери.

Властимир Николовски е еден од најплодните македонски автори, со околу 140 дела. Особено се истакнува во вокално-инструменталната и хорската музика, инспириран од македонскиот фолклор. Неговиот стил е умерен, експресивен и духовно продлабочен, а неговата публицистика дополнително ја осветлува македонската музичка мисла.

Кирил Македонски е пионер на македонската опера, автор на Гоце, Цар Самуил и Илинден. И покрај тешките услови во кои творел, неговите опери поставија темели за македонскката музика. Покрај тоа, тој е автор на симфонии, камерна музика и свечени химни, а бил признаен и на меѓународно ниво, особено во областа на музикотерапијата.

Стефан Гајдов, основоположник на македонската хорска традиција, беше значајна фигура во институционалниот развој на музиката. Тој го има напишано првиот македонски гудачки квартет во 1934 година, а како долгогодишен раководител на Хорот на Македонската радио-телевизија, значително придонесе за афирмацијата на македонското хорско творештво.

Нивното творештво, покрај високите уметнички вредности, има огромно значење и за музичката педагогија, формирањето на национални школи и институции, како и за афирмацијата на македонската музика на меѓународната сцена.

Трн: Како гледате на иднината на македонската музика и што треба да се направи за да ја задржи својата препознатливост на меѓународната сцена?

Филип: Иднината на македонската музика е светла, но за да ја задржи својата препознатливост, потребно е да се продолжи со промовирање на македонските композитори и нивните дела на меѓународни фестивали и сцени. Поддршка од институциите, како и соработка со светски музички центри, ќе помогне во зацврстувањето на нашиот музички идентитет.

Трн: Дали сметате дека вакви манифестации имаат влијание на развојот на новите млади талентирани композитори и дали им се отвораат нови можности?

Филип: Да, вакви манифестации имаат големо влијание. Тие не само што создаваат платформи за нови таленти, туку им отвораат можности за соработка со искуствени изведувачи и за претставување на нивната музика пред поширока публика, што е клучно за нивниот развој и афирмација.

Трн: Како се еволуираше македонската музика во последните години и што мислите за нејзиниот сегашен тренд?

Филип: Македонската музика еволуираше кон повеќе иновативни и современи форми, со растечка интеграција на новите технологији и глобалните музички трендови. Сегашниот тренд е повеќе експериментален, со акцент на фузија на традиционалните елементи со новите музички јазици, што ја прави динамична и отворена за глобални влијанија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни