Фестивалот КРИК ја одбележува 300 – годишнината од раѓањето на Кант

Во партнерство со Гете институт – Скопје, Контрапункт му го посветува 26 октомври (сабота) на Имануел Кант, еден од најзначајните германски филозофи, по повод триста годишнината од неговото раѓање

Деветотто издание на КРИК фестивалот за критичка култура завршува во сабота (26 октмоври) со настанот насловен „Низ патеките на (не)разумното – 300 години од раѓањето на Имануел Кант“.

Во партнерство со Гете институт – Скопје, Контрапункт му го посветува 26 октомври (сабота) на Имануел Кант, еден од најзначајните германски филозофи, по повод триста годишнината од неговото раѓање. Перформативното критичко исчитување на клучните императиви на Кант за етичкото и убавото, ќе бидат артикулирани во јавниот простор социо-културно, естетски и политички обележан со интервенцијата наречена СК2014, низ градската прошетка чија авторка е Ивана Драгшиќ. ,,По патеките на (не)разумното” е нова итерпретација на прошетката низ центарот на градот, позната како ,,Скопје 2014” кич тура. Чекорејќи низ грдата замисла за градот на само еден човек, спојуваме наративи и осознаваме како ,,Скопје 2014” всушност е можно.

На одредни точки од прошетката публиката ќе има ексклузивна можност да ja слушне и музичката интерпретација на оваа тема преку визјата на Алембик (Ива Дамјановски и Виктор Танасковски), како и размислувањата на двајца реномирани германски филозофи Јирко Краус (Лајпциг), Рајнер Тоцке (Лајпциг).

Прошетката ќе започне точно во 15:30 часот, пред Музејот на македонската борба за независнот и ќе трае до 17:30 часот.

Вториот дел од  критичкото дијалогизирање со Имануел Кант ќе започне со панел дискусијата која ќе се одржи во КСП Центар – Јадро, со почеток во 18:30 часот. Со возбуда и радост ги најавуваме нашите панелисти: Јирко Краус (Лајпциг), Рајнер Тоцке (Лајпциг) и Јасмина Поповска (Скопје). Модератор е Артан Садику, а воведничарка е Тијана Ана Спасовска.

Во завршницата на настанот ќе настапи на нашиот исклучителн музичар Јордан Костов.

Кантовата естетика, особено концептите за убавина и возвишено, може да се применат на новите знаменитости воведени од Скопје 2014, и воопшто, на клучните прашања кои креираат еден јавен, критички, и општествен простор.

Фундаменталната идеја на Кантовата „критичката филозофија“ е човечката автономија како предуслов за функционалната заедница.

Интердисциплинарниот настан „Низ патеките на (не)разумното“ има за цел да го испита односот помеѓу етиката и естетиката преку Кантовата перспектива, адресирајќи ги современите предизвици со кои се соочуваме во Европа, Балканот и поконкретно Северна Македонија. Токму затоа, во фокусот ќе ги имаме „етиката на единството“, која го нагласува управувањето со различностите додека промовира почит, автономија и заеднички просперитет и “естетика на хармонијата“, која истражува како концептите за убавото и возвишеното можат да поттикнат заедништво во регион кој се карактеризира со културен диверзитет.

Со интегрирање на Кантовите императиви, кои ја нагласуваат слободата на самоопределување и улогата на разумот во етичките размислувања, имаме цел да ја нагласиме неопходноста од почитување на различностите и етичкиот третман на поединците во заедницата, додека се осврнуваме на комплексноста на урбаното планирање и културната политика.

“Се надеваме дека интердисциплинарниот и перформативен критички контекстуализиран настан „Низ патеките на (не)разумното“ ќе послужи како платформа која ќе се застапува за враќање и ревитализација на јавните простори на начин кој го почитува индивидуалното достоинство и промовира заедничка цел. Придружете ни се за збогатена размена која поттикнува активно вклучување во заедничката одговорност за негување на нашите колективни средини“ велат од Фестивалот КРИК.

Ивана Драгшиќ е социолог и граѓански оператор заинтересиран за контракултурни практики, институционални иновации и слободно време. Таа е активен истражувач, автор и уредник на темите за заеднички и екофеминизам, со силен афинитет кон нивните испреплетени концепти: јавен простор, урбано зеленило, учество на граѓаните, управување со ресурси, УБИ, грижа и удобност. Драгшиќ е уметник и изведувач аматер и пушта музика на радио и во клубови.

„Алембик“ се Виктор Танасковски (електрична и акустична гитара, бас, мандола, вокал) и Ива Дамјановски (клавијатури, вокал, теремин). Освен како дуо, бендот функционира и како квартет, заедно со Филип Ефински на гитара и Дарио Циевски на тапани. Нивната музика е обид за спој и реобмислување на различни музички жанрови, користејќи експериментални и атипични начини на произведување звук преку алхемиска игра со музичките елементи. Нивниот прв, истоимен албум е издаден во 2022 и е посветен на конфликтот, но и возможната симбиоза на природата и технологијата; претставува музика која се обидува преку самиот процес на нејзиното создавање да го отелотвори овој концепт.

Досега имаат реализирано настапи како дел од програмата на „Млади за Скопје“ (ноември, 2020), како и фестивалот „Добра Идеја“ (септември, 2021), како и видео настапите како дел од програмата на Културен Центар – „Јадро“ (јули, 2020), “Voice of Youth” во организација на Youth Council (март, 2021), како и на емисијата “HelloGoodbye” на радио Амок (мај, 2021), „Звуци на Современоста“ како дел од манифестациите во чест на 8 септември во Претседателската резиденција (септември, 2022), „Earth Dy Art Model“ (април 2022), Филмскиот Фестивал „Ѕирни 04“ (октомври, 2022), „Градот како сцена – изгубени модернистички утопии“, како дел од МОТ фестивалот, во продукција на АКТО, Квака 22 и Круг во Белград, како и настап на Белградските Променади во концертната сала на „Коларац“ во 2023, настап на Прво па женско во МКЦ, самостојни концерти во ОРО радио бар, Platform 1.0 и Jazzy во Скопје. Истата година беа дел и од креативниот тим зад перформативната поставка „Градот како сцена: изгубени модернистички утопии“ на Прашкото Квадриенале, а перформансот подоцна беше дел и од програмата на МОТ во Скопје. Кон крајот на 2023 настапуваат на првото издание на фестивалот Skopje Space Jam, одржан во скопскиот планетариум и проследен со изложба на астро фотографии, како и на PIN Music Conference and Showcase во кино „Фросина“, МКЦ, а овој настап е подоцна објавен и како концертно видео. Во 2024 одржаа заеднички концерт со скопскиот бенд Луфтанза во Станица 26 во Скопје, како и во Југошпед во Белград.

Јирко Краус (Лајпциг) е иницијатор, куратор и ко-директор на фестивалот “Leipzig thinks”. Како филозофски практичар и посредник, тој работи со поединци, групи и организации на филозофски, егзистенцијални и општествени прашања од 2012 година. Како хонорарен предавач, предава на различни универзитети, колеџи и академии. Од 2017 година, тој е во одборот на Меѓународното друштво за филозофска пракса IGPP, додека, пак, истовремено работи и како наставник во Професионалното здружение за филозофска пракса. Тој, исто така, раководи со Трансформаторенверк Лајпциг, каде што е посветен и на самокултивирање засновано на солидарност и на општествено ангажирање. Тековна публикација: „Перспективи на филозофската практика“ (Албер 2022)

Јасмина Поповска е редовна професорка на Институтот за филозофија на Филозофскиот факултет, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје. Професионално се усовршувала на Државниот Универзитет во Флорида преку програмата JFDP, била генерален секретар на Филозофското друштво на Македонија, главен и одговорен уредник на „Годишниот зборник на Филозофскиот факултет – Скопје“, како и уредник на списанието „Филозофија“. Нејзините истражувачки интересирања се од областа на историјата на античката, средновековната (западноевропска и византиска) и ренесансната филозофија, како и методологијата на историјата на филозофијата (монографија: „Целите и методите на историјата на филозофијата: Платон како парадигма“, 2023). Во моментов се занимава со Аристотеловиот концепт phronesis (практичка мудрост) во историјата на филозофијата, вклучително и неговиот современ развој. Таа е поборник за афирмација и развој на филозофското образование на сите образовни нивоа, учествувајќи во неколку истражувачки и образовни проекти (SOPHIE – „Филозофија со деца за поширока социјална инклузија“). Поповска е коосновач на „Филозофскиот филмски фестивал“.

Рајнер Тоцке (Лајпциг) е културен и медиумски филозоф, автор и изведувач, куратор на фестивалот “Leipzig thinks”. Покрај истражувањето и предавањето на различни германски универзитети, тој веќе 15 години реализира филозофски претстави (www.sinnstudio.wordpress.comwww.soundcheckphilosophie.dewww.kurt-mondaugen.de ): меѓу другото, тој е член на Schkeuditzer Фаза на читање на Кројц (Лајпциг). Рајнер Тоцке или Курт Мондауген е дел од управниот одбор на Здружението на германски писатели во Саксонија.

Артан Садику е истражувач, теоретичар и активист кој има докторат по филозофија. Негови примарни научни интереси се теориите на субјектот, феминизмот, радикалните пракси во политиката и уметноста. Работел во Институтот за општествени и хуманистички науки – Скопје каде ја водел Школата за критика и политика и е основач на Левичарското Движење Солидарност и Културниот Клуб Синдиката. Студирал и истражувал во универзитетите во Минхен, Балтимор, Осло и Амстердам. Тој беше еден од клучните актери во протестните движења АМАН!, #протестирам и Академскиот Пленум а во моментот е дел од управниот одбор на Контрапункт тимот на КРИК фестивалот за критичка култура. Редовен соработник е на регионални и меѓународни списанија како Le Monde Diplomatique, Journal Identities и Bilten. Неговите последни текстови се однесуваат на просторот за уметноста во општеството и естетската форма на работниците.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни