Фестивалот „Киненова“ започнува во вторник со премиера на првиот македонски анимиран филм „Јон Вардар против Галаксијата“

Во вторник, 9. издание на Меѓународниот филмски фестивал „Киненова“ во Скопје ќе започне со премиера на првиот македонски долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против Галаксијата“, режиран од Гоце Цветановски. Филмот истовремено е дел од главната натпреварувачка програма.

Небојша Јовановиќ, директор на фестивалот, нагласи дека фокусот и оваа година ќе биде на македонската филмска продукција, со цел афирмација и меѓународна промоција на домашните остварувања.

„Горди сме што годинешното издание на МФФ Киненова 2024 ќе го отвориме со првиот македонски долгометражен анимиран филм на нашиот талентиран режисер, Гоце Цветановски. Овој филм е вистинска анимирана интергалактичка авантура и истовремено алегорија за актуелните случувања во човештвото и неговите ексцентрични методи за решавање на проблемите,“ изјави Јовановиќ, додавајќи дека публиката ќе биде воодушевена од оваа уникатна црна комедија која ќе остави силен впечаток.

Игор Анѓелков, селекторот на главната програма, откри дека ова предјубилејно издание носи шест впечатливи авторски дела од различни кинематографии, што го прави фестивалот значаен за филмската сцена во земјата.

Покрај филмските проекции, фестивалот ќе понуди и специјализирани работилници, вклучувајќи и една автентична за развој на идеи и сценарија за кратки филмови инспирирани од реални настани. „Работилницата ќе ја води професорката и сценарист од Атина, Ерини Демирцаки, која преку специфичен и јасно дефиниран процес ќе ги води учесниците низ развојот на филмските идеи“, изјави Јовановиќ.

Фестивалот „Киненова“ продолжува да биде значаен за филмската едукација и развој во Северна Македонија, збогатувајќи ја културната сцена со различни програмски содржини.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни