Фестивал на костенот во Македонски Брод

По 16-ти пат в петок и в сабота, на 27 и 28 октомври, во Македонски Брод ќе се одржи манифестацијата „Костенијада 2023“. Со музичка, кулинарска и уметничка програма ќе биде претставен овој производ по кој е најпознато Поречието во земјава и во странство. Од годинава, манифестацијата е ребрендирана и прераснува во Фестивал на костенот.

Фестивалот започнува в петок вечер со манифестацијата „Ноќ на костенот“. Посетителите ќе вкусуваат печени костени, а домаќините ќе понудат голема музичка забава.

Манифестациите в сабота наутро започнуваат со изложба насловена „Златен костен“ во Домот на културата во Македонски Брод. На изложбата децата од градинката и основното училиште од Македонски Брод ќе претстават производи од костен преку макети како плод на детската фантазија. На изложбата со своите трудови ќе се претстават и децата со посебни потреби од дневниот центар „Манастирец“.

„Фестивалот го има и своето дефиле низ градот проследено со играорни групи, од домот на културата па до градскиот плоштад во Македонски Брод. Гостите и посетителите ќе може да ги вкусат гастрономските јадења од костени, приготвени од учениците од угостителската група од Гимназијата. Главното место ќе го има печениот поречки костен, а меѓу другото ќе биде претставен и медот од костени. Фестивалот ќе се заокружи со културноуметничка забава“, изјави Жарко ристески, градоначалник на Македонски Брод на прес конференцијата за Фестивалот што се одржа во Прилеп.

Годишно во Поречието се произведуваат околу 300 тони костени. Ристески признава дека е потребен организиран пласман на костенот, а општината е отворена за идни инвестиции во напредно производство.

„Реален проблем имаме со откупните цени. Костенот завршува во рацете на некои прекупци и накупци кои за екстремно повисоки цени го продаваат на пазарите кај нас и надвор од државата. Како Општина веќе водиме соодветна стратегија да донесеме инвеститор во Поречието за да има легален откупен пункт, да имаме барем полупроизвод од костен или пак калибрирање на самиот костен, па потоа да се извезува. Кај нас костенот е автохтона сорта, има цели костенови шуми и неопходна е инфраструктура да се стигне до нив. Работиме на ревитализација на патните правци, и во однос на водоснабдувањето работиме на неколку инфраструктурни проекти. Има водоводни системи, но се градени пред 50 години, а сега треба да ги ревитализираме“, објаснува Ристески.

Македонски Брод работи на студија за заштита на костеновите стебла од сушење, а државата треба да обезбеди соодветни пристапни патишта до костеновите шуми.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни