ФБИ објави фотографии од осомничениот за убиството на Чарли Кирк, сојузник на Трамп

Американското Федерално истражно биро (ФБИ) денеска на социјалните мрежи објави фотографии од осомничениот за убиството на Чарли Кирк, еден од блиските сојузници на поранешниот претседател Доналд Трамп.

Во објавата на платформата Икс, ФБИ од Солт Лејк Сити повика на помош од јавноста за идентификување на лицето кое се сомничи дека пукало во Кирк на Универзитетот во Јута Вали.

Претходно специјалниот агент на ФБИ, Роберт Болс, изјави дека било пронајдено оружјето за кое се верува дека било користено во вчерашното пукање. Станува збор за моќна пушка пронајдена во пошумена област каде што властите веруваат дека стрелецот избегал. Исто така, биле пронајдени отпечатоци од стапало и подлактица кои се испратени на понатамошна анализа.

Комесарот на Одделот за јавна безбедност на Јута, Бо Мејсон, истакна дека осомничениот најверојатно е лице на возраст соодветна за колеџ и дека бил интегриран во академската заедница. Според неговите податоци, осомничениот пристигнал во близина на кампусот околу 11:52 часот по локално време, се движел по скали до кровот и од таму стрелал кон Кирк, а потоа скокнал од покривот и избегал во блиската населба.

Чарли Кирк бил застрелан во вратот додека одговарал на прашања на Универзитетот и веднаш бил префрлен во болница, но подоцна им подлегнал на повредите.

Претседателот Доналд Трамп денеска најави дека постхумно ќе му додели на Кирк Претседателски медал за слобода, највисокото цивилно одликување во САД, кое се доделува за „исклучително заслужен придонес за просперитетот, вредностите или безбедноста на нацијата, светскиот мир или други значајни јавни или приватни потфати“.

Извор: 360 степени

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни