Разговор со Ангела Стојановска, актерка

Фатјона ја научи да не биде скромна а преку перформансот Срам се пресрамила

Во ова саботно издание на „Боцкаме во сабота“ одблиску со Ангела Стојановска. Таа е млада актерка која е дел од многу проекти, од независни продукции и творец на Самоглас. Деновиве особено е популарна по нејзината улога како Фатјона во Те дуа, жими мене кое е и прво нејзино искуство на филм. Сите улоги и се драги но, со Срам успеала да се прероди и да се ослободи од „товарот“. Им се восхитува на нејзините две сестри, а најмногу би сакала да се извини на родителите. И до неа си ја има најголемата љубов на нејзиниот живот.

Трн: Како е да се биде секаде и никаде? Која е предноста и која е слабоста на фриленс актерството?

Ангела: Од една страна, многу е убава слободата во тоа да се биде секаде и никаде, од друга е престрашно. Предноста е дека ја имаш можноста да работиш со кој сакаш и кога сакаш што се однесува до актерството на независната сцена, во однос на институциите – не баш. Чекаш да те повикаат или да отворат аудиција (што е редок случај). Минатиот месец наполнив 30 години и почнувам да станувам малку уморна од работа на неизвесната сцена, се е потешко. Има луѓе кои се фриленсери многу подолго од мене, во многу понемилосрдни услови, им симнувам капа.

Трн: Неодамна имавме прилика да те гледаме и на филм, во Те дуа, жими мене каде глумиш албанка и можам да кажам како карактер е сосема различен од останатите кои си ги глумела, обично со тебе се врзува доминантна женска фигура, гласна и моќна ама ова беше нешто сосема друго. Што научи од Фатјона ?

Ангела: Да и јас имам такво мислење, кај и да треба да се подвикне – тука сум 😊 Фатјона е многу интересна приказна. Никола Кузелов, сценаристот и човекот кој го игра Кокан е мој пријател и колега од класа. На едно случајно кафе, пред многу години, во Менада, дур јас работев во прифатно транзитниот центар за мигранти во Табановце, Кузе реши да ми ја сподели својата идеја за сценариото, а јас решив да не затворам уста за тоа како мене ми стоела шамија, како жените ме дотерувале во кампот и сакале да ме мажат за нивните браќа, синови и што се не во странство и отпосле дознав дека така сум се “продала” за Фатјона. Во однос на тоа што ме научи Фатјона, е дека: не треба да сум скромна, со малку можам многу, љубовта победува и убавината е многу повеќе од површна физичка карактеристика на прв поглед.

Трн: Во театар Комедија дел си од две театарски претстави „Ревизор“ и „Жени во собрание“ кој се сега на репертоар, дали би прифатила вработување од некој театар или можеби вака сега за сега повеќе ти одговара?

Ангела: Театар Комедија, отсекогаш биле многу добри во однос на мене и сум им благодарна за можностите кои ми ги пружиле. Во однос на вработувањето, мислам дека нема да го добијам како понуда од проста причина што институционалното вработување не оди баш така. Ќе бидам повеќе од среќна доколку театрите распишат конкурси за вработување на кои јас и моите колеги ќе имаме шанса да се покажеме.

Фотограф: Емил Петро

Трн: Дел си и од Самоглас, колку книги успеа да синхронизираш и дали за ова е потребна некоја трансформација на гласот или слично? Како се расположени издавачите за соработка?

Ангела: Самоглас е се уште една од моите најдраги приказни на која работиме со Христијан Поп-Симонов, Васко Костовски, Петар Антевски и Мартин Тасевски. Моментално работиме на аудиодрами од Горан Стефановски. Мислам дека имам некоја бројка од над 30тина снимени книги и тоа искуство ми е од непроценливо значење. Во однос на трансформацијата, да, најчесто ја користам во детската литература и тие книги ми се најинтересни за снимање. Ме чекаат неколку од издавачката куќа “Сказнувалка”, а и јас едвај чекам да им седнам.  Инаку имаше издавачи и самостојни автори кои од старт не поддржаа и ни дадоа дела за обработка, имаше некои со кои никогаш не ни тргна, но тоа е сосема во ред. 

Трн: Што е она што сакаш да го постигнеш со твојот перформанс „Срам“? Дали срамот е воопшто продуктивен или тотално уназадувачки ?

Ангела: Мислам дека сакав да се отсрамам, зашто предолго време го носев. Не би рекла дека е уназадувачки, срамот е страв од нешто, а и двете се многу нормални работи. Знае да парализира и тогаш веројатно треба да се побара помош од стручно лице (јас сум далеку од тоа на темава, јас сум само паталец), ама кај мене беше товар. Кога решив да го растоварам, преку она што најдобро знам да го правам, се преродив, а тоа ми се случува и со секое играње на “Срам”. Непроценливо искуство.

Фотограф: Драгица Николовска

Трн: Кој е твојот најсреќен момент?

Ангела: Не знам. Не зашто сум ги немала, туку зашто мислам дека годинава ги имам премногу.

Трн: Си била дел од многу театарски продукции, кој е твојот тим со кој секогаш би соработувала и има ли режисер кој не би го одбила никогаш?

Ангела: Ако имам одбиено некој режисер/ка, нека се јави на главна каса. Мислам дека сакам да работам со сите, за да се тестираме себе си во различни средини. За тимот со кој секогаш би соработувала, веројатно сите мои колеги од класа се луѓе кои знам дека нема да ме изневерат. А да бидам искрена, сум имала многу, многу среќа со моите тимови и се дур имам време пак би работела со сите со кои некогаш сум работела.

Трн: Што е за тебе најголема награда?

Ангела: Од аспект на професијата, исполнета публика после претстава, од аспект на приватниот живот, моите најблиски.

Трн: Кој лик сонуваш да го играш?

Ангела: Немам такви сонови. Во смисла на тоа дека единственото што би сакала да играм почесто, е нешто во кое не може да ме замисли публиката.

Трн: Откриј ни една тајна?

Многу време мислев на ова и не смислив ништо. Мислам дека сите тајни ги споделив во “Срам”.

Трн: На која жива личност најмногу ѝ се восхитуваш и зошто?

Ангела: Не е една, две се. Моите сестри. Затоа што ги надминуваат сите мои очекувања и се подобри од мене во се што прават.

Трн: На кој би сакала најмногу да му се извиниш и зошто?

Ангела: На мама и тато, затоа што знам дека многу почесто од што сакам им приредувам стресови.

Трн? Што или која е најголемата љубов на твојот живот?

Ангела: Таа со која сум во моментов.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни